„Нова Македонија“ денеска го слави својот 75. роденден, а тоа е убава можност да се потсетиме и на дел од нејзините новинари, кои спортската опрема ја замениле со новинарството во првиот македонски дневен весник, како, на пример, Мицковиќ, Михајлов, Наумовски, Черепналковски…

„Нова Македонија“ беше вистинското училиште за новинарство, вели Зоран Михајлов, некогашен атлетичар, македонски рекордер, а подоцна новинар и уредник на спортската рубрика на „Нова Македонија“, по повод 75-от роденден на првиот македонски дневен весник. „Нова Македонија“ денеска го слави јубилејот, излегувањето на првиот број на 29 октомври 1944 година, а тоа е убава можност да се потсетиме и на дел од нејзините новинари, кои спортската опрема ја замениле со новинарското перо, притоа оставајќи неизбришлива трага со своите статии, коментари, известувања од спортските настани низ светот. А нив ги имаше многу, како на пример, Миодраг Мицковиќ (ракометен голман), Зоран Михајлов (атлетичар), Мирослав Наумовски-Лав (ракометен бек), Марко Черепналковски (шахист) и други.

Мирослав Наумовски

– Некои ќе речат „што пишува уште, времето му поминало“!? Мојот одговор на сите тие е дека за новинарот нема минато време, нема пензија, пишува сѐ дотогаш додека неговите физички и умствени способности му го дозволуваат тоа. За тоа, пак, дека времето поминало, можам само да кажам дека сум горд токму на тоа минато време. Со перото и со микрофонот поминав многу убави и возбудливи години, крстосувајќи ја Земјината топка за да стигнам на олимписки игри, ги имам 15 на број, светски и европски првенства во сите спортови, повеќе од 50, најмногу во атлетика, а 14-то ми беше пред неполн месец, кога од Доха ги информирав читателите на „Нова Македонија“ за сите случувања таму – вели Михајлов.

Неговите новинарски почетоци се врзани токму со „Нова Македонија“.
– Уште во 1961 година се појавуваа моите иницијали, а некогаш и целиот потпис. Тоа беше периодот кога бев активен атлетичар, првак и рекордер, младински репрезентативец на Југославија. Тогаш од мојот почитуван колега Миодраг Мицковиќ бев замолен да се јавувам од трките каде што настапував заедно со другите македонски атлетичари. Тоа ми стана интересно и веќе од тие моменти како да беше определена мојата животна професија. Кога уредникот на спортската рубрика, Никола Ковачевски, ми предложи да се вработам и професионално да се занимавам со новинарството, веднаш прифатив зашто тоа беше и моја желба. Така почна мојот новинарски живот, атлетиката падна во втор план, за потоа наполно да ја напуштам. Но тагата ми ја ублажуваше фактот што барем како спортски новинар останав врзан со неа. Во „Нова Македонија“ ја научив азбуката на оваа професија. За тоа многу ми помогна и работата во Скопска хроника, место каде што се калеа и созреваа новинарите. Саботите и неделите беа резервирани за извештаи од натпреварите во речиси сите спортови. Во 1971 година станав уредник на спортската рубрика, а во 1973 заминав во тогашно ТВ Скопје, кога почна еден нов, наполно поинаков новинарски ангажман, овој пат изразен со гласот преку микрофонот. Но „Нова Македонија“ остана мојот прв и единствен весник за кој и денес, особено за македонските спортски легенди, со гордост пишувам. Кога ќе се соберат сите минати години, излегува дека со весникот сум врзан повеќе од 58 години. Но тоа не е сѐ, соработката продолжува исто како што продолжува и животот на „Нова Македонија“ – вели Михајлов.

Свој печат во новинарството, но и како активен спортист во младоста, оставил и Мирослав Наумовски-Лав. Тој во „Нова Македонија“ поминал 27 години, а известувал од ЛОИ 1974, 2000 и 2004, од ЗОИ 1984 и 1988, од три СП во кошарка, осум ЕП во различни спортови, универзијади, медитерански игри, балканијади. Неговата љубов бил ракометот. Со македонската репрезентација станал пионерски првак на СФРЈ, потоа во 1962 година бил прв на Младинското државно првенство, а во 1965 година државни прваци во младинска конкуренција. Наумовски бил одличен ракометар, кој бил на подготовки во Пореч како кандидат за младинската репрезентација на СФРЈ (заедно со генерацијата на Поповиќ, Прибаниќ, Покрајац, Каралиќ…). Најмногу време поминал во Вардар, играјќи на позицијата централен бек.

– Занимавањето со спорт помага во подоцнежното професионално спортско новинарство, пред сѐ е добро познавањето на спортот за кој ќе се пишува, неговите правила, потоа да се разберат неговата динамика, емоциите, возбудата што го следи и сето тоа повторно да се пренесе до читателите – вели Наумовски.
Мицковиќ (81) речиси целиот работен век го помина во „Нова Македонија“, во спортската рубрика, од 1962 година како новинар, а од 1974 година до пензионирањето како уредник. Допирната точка со спортското новинарство му е ракометот (на голем терен, на отворено), во гимназиските денови, како голман на Партизан 8, потоа на Борац и на Графичар (од 1956 до 1961 година), кој во еден период играл и во Првата лига на СФРЈ. Почетоците на Мицковиќ во спортското новинарство се извештаите за „Нова Македонија“ од гостинските мечеви на Графичар во Првата лига. Прво тоа било како хоби, за џепарлак, што потоа, од 1962 година ќе прерасне во професионална определба.

Миодраг Мицковиќ со ракометарите на Графичар

– Во тие дамнешни години немаше пари во спортот, се играше од љубов, за шолја чај, за сендвич. Пишувањето извештаи и хонорарот ми беа добредојдени. Тоа ми го предложи Тихомир Михајлов, кој има играно кошарка за Работнички, и беше задолжен за т. н. „мали спортови“ во спортската рубрика, меѓу кои беше и ракометот. Ми вели „и така патуваш надвор од Скопје, зашто да не ни се јавуваш“. Не беше лесно во почетоците, но имав помош од повозрасните колеги, посебно од тогашниот уредник Никола Ковачевски и од Тихомир Михајлов. Тој најчесто ги читаше моите текстови, ги редактираше, ги поправаше, ми укажуваше на грешките, ме советуваше и ме воведе во спортското новинарство во кое поминав прекрасни години со известување од голем број најголеми спортски настани, ЛОИ, СП, ЕП во речиси сите спортови – вели Мицковиќ.

Првата спортска вест на страниците на „Нова Македонија“ е објавена на 3 април 1945 година, по што за 75 години се објавени неколку стотици илјади текстови за спортот, а „Нова Македонија“ известува од сите страни на светот од најголемите спортски настани. Во рамките на весникот од 24 август 1970 година во понеделниците излегува спортскиот прилог (2.452 изданија). Од пред неколку години „Нова Македонија“ објавува информации и од спортот и преку интернет-портал, фејсбук-страница, инстаграм-профил…

Продолжуваме понатаму. С.Р.