На Светското првенство во скијачко трчање во Сефелд, Австрија, уапсени се петмина спортисти поради допингување

Нова допинг-афера го тресе врвниот спорт. На Светското првенство (СП) во скијачко трчање во Сефелд, Австрија, уапсени се девет лица, од кои петмина спортисти, од Австрија, Естонија и од Казахстан, во координирана полициска акција при претрес на 16 куќи, спроведена по налог на обвинителството во Минхен и во Инсбрук, објавија австриските власти.

Станува збор за истрага поврзана со недозволени допинг-средства, во која полицијата открила „криминална организација“ со седиште во Германија, предводена од 40-годишен спортски лекар. Постојат основани сомневања дека таа групација со години се занимавала со крвен допинг. Канцеларијата на државниот обвинител на Минхен соопшти дека истрагата била поттикната од изјавите на австрискиот кроскантри-скијач Јоханес Дур во германски медиуми, кој беше фатен како се допингува за време на Зимските олимписки игри (ЗОИ) 2014 во Сочи, Русија.

– Спортистите биле фатени како користат недозволени методи или супстанции. За жал, меѓу нив беа и двајца наши спортисти, Доминик Балдауф и Макс Хауке – изјави директорот на австриската федерација за кроскантри-скијање и биатлон, Маркус Гандлер.

Светската антидопинг-агенција (ВАДА) соопшти дека била информирана за истрагата.
– Рациите беа дел од пошироката полициска операција насочена кон криминалци од повеќе европски земји. Одделот за разузнавање и истраги на ВАДА им обезбеди информации и друга помош на властите во нивната работа – се вели во соопштението на ВАДА.

Ова не е првпат австриското скијање да биде инволвирано во допинг-афера. За време на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2006 година во Торино, кај австриските крос-кантри и биатлон тимови ниту еден тест не бил позитивен, но во 2007-та шестмина австриски спортисти беа доживотно суспендирани, а Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) го казни Австрискиот олимписки комитет (АОК) поради прекршување на антидопинг-правилата.

Пред неколку години, според извештајот на Светската антидопинг-агенција (ВАДА), руските спортисти повеќе години наводно систематски се допингувале, што кулминира на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2014 година во Сочи. Во 2015 година ИОК и ИААФ им изрекоа тригодишна суспензија на руските спортисти за настап на сите поголеми светски натпреварувања, од ЛОИ 2016, ЗОИ 2018, до СП, под руско знаме, односно да можат да се натпреваруваат само како индивидуални спортисти.


Џонсон, Армстронг, Шарапова

Долга е листата на врвни спортисти што биле фатени на дело при користење недозволени стимулативни средства за подобрување на нивните резултати. Главно станува збор за велосипедисти, атлетичари и тенисери. На американскиот велосипедист Ленс Армстронг му беа одземени седумте победи на Тур де Франс (од 1999 до 2005 година). Тој прво негираше дека се допингувал, но потоа притиснат од доказите ја призна вината. Покрај Армстронг, поради допингување настарадаа уште двајца велосипедисти. На Шпанецот, Алберто Контадор, му беа одземени две победи, на Тур де Франс во 2010 година и на Џиро д’Италија во 2011-та, а на Флојд Лендис од САД, победата на Тур во 2006 година.
Меѓу атлетичарите, најзвучни се случаите со американските спринтери. Мерион Џонс дури заврши и во затвор, суспендирани беа Тим Монтгомери, Џастин Гетлин, Тајсон Геј и претходно пред 30 години, Канаѓанецот Бен Џонсон. Руската тенисерка Марија Шарапова во 2016 година беше суспендирана на две години (потоа казната беше намалена на 15 месеци) поради повеќегодишно користење мелдониум, лек за кој таа тврдеше дека го користи во медицински цели, против астма. Л.Д.