Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал и Роже Федерер

Дебатата за тоа кој е најголем на сите времиња веројатно никогаш нема да заврши, на тоа нема прецизен одговор и затоа ќе остане дилемата. Ако како мерило се земе бројот на гранслем-трофеите, тогаш Федерер води со 20, пред Надал со 17 и Ѓоковиќ со 15, но Ѓоковиќ се издвојува според директните победи против конкурентите, единствениот е што трипати по ред победува на три гранслема во низа, само тој меѓу нив освои четири гранслема по ред…

Триумфот на Новак Ѓоковиќ на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, седми рекорден (на исто толку финалиња), е повеќе од заслужен по сѐ што покажа и по начинот на кој го декласира Рафаел Надал во финалето. Ѓоковиќ го слави 15-от трофеј на гранслем-турнирите, по што повторно почнаа дебатите од типот дали тој е најголемиот тенисер на сите времиња. Одговорот на тоа прашање ќе треба да се почека некое време, бидејќи, иако е јасно дека тој доминира во моментов, треба да се има предвид дека Роже Федерер има рекордни 20, а Надал 17 гранслем-титули.
Ѓоковиќ има седум титули во Мелбурн (во 2008, 2011, 2012, 2013, 2015, 2016 и 2018), четири на Вимблдон (2011, 2014, 2015 и 2018), три во Њујорк (2011, 2015 и 2018) и една на Ролан Гарос (2016).

– Да се израмнам со нив, па и да ги престигнам според бројот на титулите, за мене е голема мотивација. Играњето на најголемите турнири годинава и во годините што доаѓаат ќе биде приоритет за мене. Уште колку сезони? Не знам, не сакам премногу да размислувам за тоа што доаѓа. Сакам да се фокусирам на унапредување на мојата игра во целина, на тоа ментално, физички и емотивно да бидам на највисоко ниво за да можам да играм најдобро што можам во следните години и евентуално да му се приближам на Роже – изјави Ѓоковиќ по триумфот во Мелбурн.

Следен голем предизвик за Ѓоковиќ ќе биде победата на гранслем-турнирот на Ролан Гарос, во мај и во јуни годинава, каде што го очекува неприкосновениот на земјени терени Надал, кој има дури 11 триумфи во Париз.

– Морам да поработам на мојата игра на земја. Во принцип сум подобар од лани, но станува збор за подобрување на некои ситни детали што се битни кога станува збор за освојување на титулата и за победа над Надал на таква подлога – вели Ѓоковиќ.

Ако како мерило и критериум за тоа кој е најдобар меѓу најдобрите се земат бројот на гранслем-победите, тогаш Федерер е прв, потоа Надал, па Ѓоковиќ. Но ако се има на ум дека Федерер е највозрасниот со речиси 38 години и оти Надал на 33 години тешко може да се надева на трофеј на некој друг голем турнир, освен на Ролан Гарос, тогаш прогнозите се дека Ѓоковиќ (31), се разбира доколку ја задржи формата на исто или слично ниво, за две-три години ќе го помине Федерер и тогаш ќе може да се смета за најдобар на сите времиња.

Ѓоковиќ е единствениот што трипати по ред победува на три гранслема во низа – Вимблдон, Њујорк и Мелбурн. Тој ќе се обиде да триумфира на Ролан Гарос и вторпат, по 2015/2016 да победи на четирите гранслема во низа (т.н. „Ноле слем“), што досега ниту еднаш не им успеало на Федерер или на Надал. Како можност и посебно, големо остварување останува триумфот на сите четири турнири во една календарска година, нешто што единствен во т.н. опен-ера (од 1968 година) го оствари Австралиецот Род Лејвер во 1969 година (претходно и во 1962-та, а пред него и Доналд Баџ во 1938 година).

Но ако е во заостанување зад Федерер и зад Надал во поглед на гранслем-трофеите, тогаш Ѓоковиќ е подобар во нешто друго. Тој е единствениот тенисер со сите девет мастерс-титули и има 73 турнирски победи, и тоа во конкуренција на преостанатите двајца најуспешни светски тенисери во историјата. Во меѓусебните дуели Ѓоковиќ е подобар од двајцата. Против Надал има ефект 28-25 во победи (15-10 во финалињата), а против Федерер 25-22 (12-6).

Дебатата за тоа кој е најголем на сите времиња веројатно никогаш нема да заврши, на тоа нема прецизен одговор и затоа дилемата ќе остане. Времето на тениските терени на Федерер, Надал и на Ѓоковиќ полека се троши што значи дека во наредниот период, наместо да се споредуваат, треба да се ужива во нивната игра, да им се оддаде почит за тоа што му дадоа на тенисот и да им се аплаудира за секој прекрасен потег и за секоја победа. Бидејќи, биле најголем(и) или не, на сите ќе им недостигаат кога ќе престанат да играат.