Светскиот рекет број 1 и актуелен шампион од Вимблдон, Новак Ѓоковиќ влезе во полуфиналето на славниот гренд слем на трева, откако за помалку од два часа го „уништи“ Белгиецот Давид Гофан во три сета со 6:4/6:0/6:2 за своја јубилејна 70. победа на „Ол Ингланд клубот“.

Во уште еден меч кој ја покажа огромната разлика во квалитет меѓу големата тројка (Ѓоковиќ, Надал, Федерер) и конкуренцијата, Белгиецот едноставно немаше доволо ментална сила да му се спротистави на Србинот, и откако го загуби првиот сет по тесна борба, капитулираше во вториот сет и не освои ниту еден гем. Ѓоковиќ лесно ги добиваше гемовите на свој сервис, а исто толку лесно правеше и брејкови на сервис на противникот.

-Тој започна добро, но клучен беше гемот на 5:4. Да го загубев првиот сет, мечот ќе беше сосема поинаков. Досега, работите одат добро и играм одлично, се надевам дека одам понатаму со уште подобра игра- вели Ѓоковиќ, за кого ова е деветто полуфинале во Лондон.

Следен за Србинот е подобриот од дуелот помеѓу Аргентинецот Гвидо Пелја и Шпанецот Роберто Баутиста Агут, додека во второто полуфинале ќе се сретнат подобрите од мечевите Надал-Сем Квереј и Федерер-Кеи Нишикори.