Интернационалниот мајстор (ИМ), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и репрезентативец, Никола Николовски, изби сам на врвот со 5,5 поени по шестото коло на Отвореното првенство на Македонија во шах (девет кола), во Скопје, во конкуренција на 71 учесник (двајца велемајстори, тројца ИМ, деветмина ФИДЕ-мајстори).

Николовски (2.395, рангиран трет пред турнирот) на првата табла како црн со жртва на квалитет го принуди во 36-от потег да се предаде искусниот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски (2.447, рангиран втор). Во второто дерби во т.н. салонско реми (седум потези), ремизираа ВМ Влатко Богдановски и ИМ Орце Данчевски.

Пријатно изненади 15-годишниот Кристијан Велковски, кој го победи по 78 потези игра, искусниот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Љубиша Андоновски, откако Андоновски одби реми со повторување потези. Вредно реми забележаа и Александар Кралевски против прворангираниот, ИМ Филип Панчевски, односно Ивана Манова против ФМ Љубомир Илиќ (58 потези). Манова засега е најуспешната шахистка, која со четири поени е на 20-то место. Во ова коло и белите и црните фигури забележаа еднаков резултат, по 12 победи.

На табелата веднаш зад Николовски со пет поени е Богдановски, па следуваат осуммина шахисти со по 4,5 поени.

Позначајни резултати од шестото коло: ВМ Станојоски (2.447) – ИМ Николовски (2.395) 0-1, ИМ Данчевски (2.346) – ВМ Богдановски (2.390) реми, ФМ Кралевски (2.112) – ИМ Панчевски (2.495) реми, ФМ Динев (2.248) – Милиќ (2.238) реми, ФМ Лазов (2.335) – Маневски (1.837) 1-0, ФМ Андоновски (2.287) – Велковски (1.837) 0-1, Ристески (2.068) – Главинац (2.136) реми, Манова (1.953) – ФМ Илиќ (2.099) реми, Јорданов (1.918) – Тркаљанов (2.125) 1-0, ФМ Велески (2.211) – Пеев (1.957) 1-0, Ѓоршев (2.098) – Димковски (1.863) 0-1 итн.