Муамед Сејдини

По известувањето од Агенцијата за млади и спорт на Македонија (АМС) дека при извршениот инспекциски надзор во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) пред две години, биле утврдени низа неправилности спротивно на Законот за спорт, кои сѐ уште не се отстранети, се огласи и првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини.

– Од АМС наведуваат дека решението било обжалено и после сите институционални и законски процедури и рокови, жалбата била отфрлена како неоснована од Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка. Со тоа решението стана правосилно и извршно и против него не е дозволена жалба што е вистина, и против него немаме право на жалба. Но, постои право на тужба против вака ваквата одлука. ФФМ во согласност со законите поднесе тужба со која поведе управен спор против државната комисија за одлучување во втор степен во врска со нејзиното решение. Во пресудата се вели дека тужбата на тужителот, ФФМ се уважува и решението се поништува – истакна Сејдини.

Првиот човек на ФФМ рече и дека директорот на АМС, Наумче Мојсовски треба да одговара.

– И до мене стигнаа шпекулациите дека одредени претставници на клубови се повикувани во државни институции, присилувани да потпишуваат некаква поддршка за бојкот на Изборното Собрание на ФФМ, уценувани со поделбата на ваучерите. Шпекулациите одеа дотаму што се споменуваше и името на премиерот на државата. Одбивав да верувам во таквите „игри без граници“ сѐ додека не го прочитав соопштението од АМС – вели Сејдини, додавајќи оти за ова се известени УЕФА и ФИФА, кои го следат случајот. Л.Д.