На 29. Летни олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио, што треба да се одржат од 22 јуни до 9 август, натпреварите во „кралицата на спортовите“, атлетиката, ќе почнат на 31 јули, со трката во брзо одење на 20 км, а ќе завршат со маратонската трка, на последниот ден од Игрите, на 9 август. Во меѓувреме ќе има 17 финалиња по дисциплини од кои 15 ќе се одвиваат на новиот олимписки стадион.

– Некои од финалињата ќе бидат во претпладневните часови, потоа финишот на двата маратона и на трите трки во брзо одење, како што побара Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) заради различните временски зони во светот. Другите финални натпревари ќе се одвиваат во вечерните часови за да се избегнат високите летни температури кои се опасни по здравјето на спортистите – соопштија од Интернационалната атлетска асоцијација (ИААФ), најавувајќи ја првпат и мешаната, машко/женска штафета на 4х400 метри.

Продолжено е временското растојание меѓу трките во слични дисциплини за да можат атлетичарите да имаат повеќе време за одмор меѓу нив (на 100 и на 200 метри, 200 и 400, 800 и 1.500, 1.500 и 5.000 и на 5.000 и на 10.000 метри).

Натпреварите (пет) што ќе се одвиваат надвор од олимпискиот стадион ќе се одржат во различни денови, сите ќе почнат во 6 часот наутро, па и порано (во 5.30 на 50 км брзо одење). Десетобојците и седмобојките ќе се натпреваруваат истовремено, на 5 и на 6 август, за да се зголеми гледаноста.