Македонската шаховска репрезентација во Батуми

На екипното Европско првенство во Батуми машката шаховска репрезентација на Македонија го освои 33-то место со седум, а женската 32-то место со три освоени бода. И во двете конкуренции славеа селекциите на Русија

Машката шаховска репрезентација на Македонија со две победи, три ремија и четири порази или вкупно седум бода (15 поени по табли), го освои 33-то место од 40 селекции на 22-то Европско првенство (ЕП) во Батуми, Грузија. Женската селекција на Македонија, пак, со три ремија, шест порази и без екипна победа, заврши на последното 32. место со три бода (10,5 по табли). Во двете конкуренции нови европски прваци се репрезентациите на Русија.

Во последното 9-то коло Македонија (просечен рејтинг 2.498 поени, рангирана на 29-то место пред ЕП) загуби од Италија (2.538, рангирана на 26-то место) со 1,5-2,5, а шахистките (1.986, рангирани на 31-то место) беа поразени со 0,5-3,5 од Хрватска (2.231, рангирани на 23-то место).

Пласманот на мажите е далеку од најдобриот од ЕП во Пловдив во 2003 година, кога беа 14. со 10 бода (21,5 по табли) и на жените истата година (шахистките тогаш играа на две табли), кога беа 19. со 7,5 бода (7,5). За споредба со ЕП пред 20 години, кое, исто така, се играше во Батуми, тогаш мажите беа 24. со осум бода (18) од 25 држави, а жените 31. со шест бода (седум по табли) од 34 репрезентации. Македонските шахистки предводени од селекторот Влатко Богдановски немаа петта резервна табла, па сите девет кола ги одиграа четири шахистки, а најмногу покажа ЖИМ Габриела Коскоска со четири поени на четвртата табла, а кај мажите ИМ Филип Панчевски и ИМ Никола Николовски со по 4,5 поени од девет можни.

– Во финишот имавме неколку пеха и многу тешка ждрепка. Ако праволиниски оценуваме би рекол минимален неуспех, но стручно гледано, пак, Македонија во девет кола имаше дури осум посилни противници и само еден (Словачка), кој беше со три рејтинг-поени послаб. Освен Недев, кој на ова ЕП не беше во форма, преостанатите добро се претставија, а и добиваме по играчи девет рејтинг-поени повеќе отколку што загубиме. И покрај двата минимални пораза во финишот, сметам дека коректно и во убаво светло ја претставивме Македонија – вели селекторот на мажите Роландо Кутиров.

За мажите ова беше 11-то ЕП досега, а за жените седмо. Најмногу учества убедливо има ВМ Трајко Недев (10) со вкупно 21 победа, 30 ремија и 22 порази (следат Никола Митков и Звонко Станојоски со по шест учества), а кај шахистките Коскоска со настап на сите седум ЕП и вкупен ефект од 19 победи, 21 реми и 15 порази (втора е ЖФМ Весна Секуловска со четири настапи). Екипно мажите досега одиграле вкупно 388 партии, а забележале 108 победи, 152 ремија и 127 порази (47,4 отсто), а жените 178 партии, од кои 45 победи, 54 ремија и 79 порази (40,4 отсто).

На ЕП за мажи победи Русија (во состав Андрејкин, Витјугов, Алексенко, Матлаков, Дубов) со 15 бода (22,5), пред Украина 14 (22,5) и пред Англија 14 (22,5), а кај дамите Русинките (Горјачкина, Лагно, Гирја, Гунина, Качлинскаја) со 16 бода (26) беа пред Грузија 15 (25,5) и пред Азербејџан 14 (22,5).