Од денес до недела на патеката во Кичево ќе продефилираат над 40 возачи, кои ќе учествуваат на првиот авто-слалом за годинава, во шампионатот во брзински автомобилизам на круг и на Твинго Купот.

Денес и утре се трките во авто-слалом, а сабота и недела се преостанатите два натпревари, на кои покрај домашните возачи ќе земат учество и неколку автомобилисти од Бугарија, што на овој шампионат му дава меѓународен карактер.

-На вториот кружен натпревар очекуваме да земат учество околу 25 возачи од десетина клубови од земјава, поделени во 6 класи. Според сатнината утре по техничкиот преглед и верификацијата на возилата е седница на жири и брифинг со возачите. Во 12 часот е неофицијалниот тренинг, а еден час подоцна и официјалниот тренинг за стартни броеви. Во недела по слободниот тренинг во 10 часот, во 11 и 30 часот е свеченото отворање на натпреварот а точно напладне е стартот на трките. Во оние класи каде има мал број на автомобили ќе бидат групирани во дивизии. Возилата ќе финишираат по 20 поминати кругови. Покрај трките од кружниот натпревар, ќе се одржи и Твинго Купот на кој ќе земат учество 10 возила. На овие натпревари се очекува да настапат и четворица натпреварувачи од соседна Бугарија- истакна Александар Димушевски од АКК Примо Реисинг, технички организатор на овие натпревари.

Третиот натпревар од годинешниот шампионат на истата патека ќе се вози кон крајот на летото а во меѓувреме ќе се одржат трките во Белград и Скопје.

Зоран Антоски