Фабио Фоњини го елиминираше Рафаел Надал

Шпанецот Рафаел Надал доживеа неочекуван пораз од Италијанецот Фабио Фоњини во полуфиналето на Мастерс-турнирот во Монте Карло, 4-6 и 2-6. Надал (32), кој ги доби минатите 18 меча, атакуваше на 12-та титула од Монте Карло, каде што загубил само четири од 75-те меча во кариерата.

– Одиграв еден од најлошите натпревари на земја во последните 14 години. Тешко е да се најде што било позитивно од мечот. Заслужив да загубам – изјави светскиот тенисер број два, Надал.

Фоњини (31), 18-ти на АТП-листата, во вчерашното финале играше против Србинот, Душан Лајовиќ (рангиран на 48-то место) за кого тоа беше прво АТП-финале откако во полуфиналето го совлада Даниел Медведев, со 7-5, 6-1, кој, пак, го елиминира Новак Ѓоковиќ.

Фоњини е првиот Италијанец што стигнал до финалето во Монте Карло, по Корадо Барацути во 1977 година. Тој е четвртиот тенисер што го победил Надал на земја на три или повеќе меча.