Македонија ќе биде во петтиот барабан за ждрепката в среда за Европското првенство (ЕП) во одбојка во септември, заедно со Белорусија, Романија и со Австрија. Однапред е одредено четирите домаќини на шампионатот да бидат во различни групи, па, така, Франција е во групата А, Белгија во Б, Словенија во Ц и Холандија во групата Д.
Во првиот барабан за ждрепката се Русија, Србија, Италија и Полска, во вториот се Бугарија, Германија, Финска и Чешка, во третиот се Естонија, Словачка, Турција и Шпанија, а во четвртиот се Португалија, Украина, Грција и Црна Гора.

Теоретски, можна е група со селекции од Балканскиот Полуостров, во состав, на пример, Словенија, Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора (или Грција) и Македонија.
На ЕП ќе играат сите досегашни девет европски прваци, и тоа Русија (14 титули), Италија (шест), Чешка (три), Србија (две), Полска, Франција, Холандија, Романија и Шпанија (по една), како и уште четири од преостанатите шест што освојувале барем сребрени и бронзени медали – Бугарија, Германија, Словенија и Грција.