Просечниот рејтинг на Првенството на Македонија е 2.319 поени, просечната возраст 40,7 години, најмлад учесник е Емил Ристески (15), а најстар Љубиша Андоновски (59)

Со партиите од 1-то коло (синоќа беше ждрепката), кои почнуваат денеска (16 ч.), и официјално ќе започне Затвореното сениорско првенство на Македонија во шах, кое до 28 мај ќе се игра во хотелот „Континентал“ во Скопје, во 9 кола (Бергеров систем).

Ќе настапат 10 шахисти, а прворангиран е велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (2.588), кој првпат игра на ваков шампионат. Тој е шесткратен шампион на Бугарија во класичен шах, што е рекордно тамошно достигнување, а повеќе од 10 пати бил првак во забрзан шах. Георгиев има македонско државјанство, а двапати ги бранел боите на Македонија на шаховските олимпијади (ШО), во Блед (2002) и Батуми (2018).

– Секако, ќе се борам за првото место. Панчевски и Станојоски исто така ќе се борат за првата позиција, но и другите играчи на турнирот не треба да се потценат. Во шахот треба да се докажуваш на таблата, па за 10 дена ќе ги добиеме одговорите на сите прашања – вели Георгиев.

Втор по рејтинг е интернационалниот мајстор (ИМ) и репрезентативец Филип Панчевски (2.500), кој, сепак, не ќе може да атакува на третиот бал за ВМ, само поради фактот што на првенството нема најмалку три ВМ, колку што е условот за оваа титула.
– Мој пласман меѓу првите тројца е во ред, иако ќе се борам за првото место. Георгиев е прв фаворит, но сметам дека и јас имам свои шанси за титулата – оптимист е Панчевски, учесник на пет ШО.

Со вајлд-карта на првенството е 19-годишниот ФМ од Неготино (но со три бала за ИМ), Тони Лазов (2.295), кој играше и на ШО во Баку 2016 година.
– Очекувам да го дадам максимумот. Квалитетот е на послабо ниво, барем според шахистите што требаше да настапат, што е олеснителна околност за подобар пласман, но сепак никој не е за потценување. Тешко е однапред да се дадат какви било прогнози, оти само една партија може да чини неколку места погоре или подолу на табелата. Би типувал на првите три места, но целта ми е и освојување на што повеќе рејтинг-поени, кои ми се потребни за конечно освојување на титулата ИМ – дециден е Лазов.

Покрај Георгиев, Панчевски и Лазов, ќе настапат уште ВМ Звонко Станојоски (2.447), ИМ Никола Николовски (2.391), ИМ Орце Данчевски (2.341), ФМ Љубиша Андоновски (2.276), ФМ Роберт Велески (2.189), актуелниот првак до 16 години, Емил Ристески (2.130) и Емил Крстев (2.130). Просечниот рејтинг на првенството е 2.319 поени, просечната возраст на шахистите е 40,7 години, најмлад учесник е Ристески (15), а најстар Андоновски (59), односно разликата е 44 години! Наградниот фонд е 210.00 денари (поделен во пет награди), а новиот првак ќе биде побогат за 75.000 денари, Последен пат затворен шампионат се одиграл во 2011 година, а победил ВМ Трајко Недев.