Првиот македонски велемајстор (ВМ) и учесник на 10 шаховски олимпијади (ШО), Никола Митков (2.481 рејтинг-поен), постигна голем успех освојувајќи го првото место на меѓународниот отворен шаховски турнир во колумбискиот град Картагена. Во конкуренција на 26 шахисти (8 ВМ, 1 ЖВМ, 6 ИМ, 2 ЖИМ, 2 ФМ), од седум држави (Аргентина, Колумбија, Куба, Шпанија, Перу, Уругвај и Македонија), Митков, кој повеќе години живее и игра шах во САД, освои 6,5 поени од девет можни (четири победи и пет ремија), против пет ВМ, четири ИМ и еден противник без титула. Тој како седморангиран пред стартот, освои и нови 18,8 рејтинг-поени, а имаше и играчки перформанс од 2.633 рејтинг-поени.

Од велемајсторите, Митков ги победи Шпанецот Ромеро Алфонсо (2.423), Перуанецот Кристијан Круз (2.569) и Колумбиецот Серџо Бариентос (2.504), а ремизира со Уругваецот Андрес Родригез (2.480) и со Кубанецот Даниел Алборноз (2.578), кој беше и прв фаворит на турнирот. Второто место му припадна на ВМ Родригез со 6 поени, колку што имаше и третопласираниот Круз, но со послаб дополнителен критериум.

На брзопотезниот турнир, пак, (2х4 минути плус 2 секунди за секој одигран потег), во истиот град, Митков (2.448, рангиран седми), го освои 8-то место со 8,5 поени од 14 можни (осум победи, едно реми и пет порази), загубувајќи 36 рејтинг-поени во оваа категорија на натпреварување и остварувајќи играчки перформанс од 2.320 поени.
Во конкуренција на 31 шахист од осум држави, првото место му припадна на ИМ од Колумбија, Естебан Валдерама (2.588, рангиран прв), кој освои 10 поени, а второто на неговиот сонародник, ИМ Мартин Мартинез (2.438, рангиран осми), исто така со 10 поени, но со послаб дополнителен критериум.