Обвинителот во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал, Наум Пановски ги демантира пишувањата на италијанскиот весник „Ла Верита“ за инволвираност на премиерот Зоран Заев за случајот со одмрзнување на парите од Меѓународниот сојуз на Боки 13.

– Глупости чисти, од збор. Едно да се совпаѓа, ама ништо не се совпаѓа. Јас го работев случајот, да, но ништо хронолошки не се совпаѓа. Вилма тогаш не беше шефица на Обвинителството. Ние шест месеца ги држевме средствата замрзнати – вели Пановски.

Русковска беше избрана за шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во ноември 2018 година. Од Обвинителството најавија демант на пишувањата на весникот.

Весникот „Ла Верита“, во текстот потпишан повторно од италијанскиот новинар Ларис Гајсер, пишува дека осомничувањето на Фросина Ременски е амортизација со која премиерот Зоран Заев се обидува уште еднаш да се спаси од кривична одговорност.

– За време на нашето истражување добивме потврда дека Управата за финансиско разузнавање, сомневајќи се на некои незаконски дејства при трансакцијата на парите на Силјан Мицевски, го замрзнала плаќањето од 750.000 евра извршено во корист на Лилјана Тодоровска. Почитувајќи ги легалните процедури, УФР за кривичното дело уредно го известило Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, на чие чело е обвинителката Вилма Русковска. Таа тогаш го имала целото право да определи притвор на неодредено време и да почне истрага – пишува италијанскиот весник.