Шпанецот Маверик Вињалес, возачот на Јамаха, победи на трката од МотоГП за големата награда на Малезија во Сепанг, втора за него сезонава, 23. во кариерата. Но неговиот сонародник Марк Маркез испиша нова страница во историјата на овој спорт. Тој заврши на втората позиција, иако стартуваше како 11-ти, освои 20 поени со што стигна до рекордните 395 поени во една сезона и го надмина Хорхе Лоренцо, исто така Шпанец, кој во 2010-та освои 383 бода. До крајот на првенството има уште една трка (на 17 ноември) што значи дека постојат големи изгледи Маркез да биде првиот мотоциклист во најсилната класа што би освоил 400 или повеќе поени.

Маркез, осумкратниот светски првак (шест во МотоГП), од ланската трка во Австрија во август на сите трки на кои поминал низ целта бил прв или втор. Сезонава Маркез забележа 14 победи (рекорд), 10 пати стартувал од пол-позицијата и 16 пати се искачувал на победничкиот подиум. Тој може да собори уште еден рекорд, за најголема разлика во споредба со второпласираниот. Во 2005 година, кога Валентино Роси ја освои петтата титула, сезоната ја заврши со предност од 147 поени пред Марко Меландри. Сега Маркез има 395, а Андреа Довициозо 256 поени.

Неодамна на трката во Австралија Маркез го собори рекордот на Австралиецот Мајк Дуан според бројот на победи за Хонда во најсилната класа, 55. На 124-те трки во кариерата, од дебито во 2013-та, Маркез на 62 (рекорд) или на половината од нив стартувал од пол-позицијата. Тој е најмладиот шампион во најсилната класа, со 20 години и 266 дена, во 2013-та, надминувајќи го Роси (на 25 години и 244 дена). Повеќе шампионски титули од него во најсилната класа имаат само легендарниот Џакомо Агостини (осум) и Роси (седум). Овие двајца италијански возачи имаат и повеќе победи од Маркез во најсилната класа (55, а вкупно 79). Агостини има 68 или вкупно 122, а Роси 89, односно 115.

Маркез има шанси да го достигне Агостини според бројот на титули во најсилната класа, но рекордните 15 во сите категории се речиси невозможна мисија. Но затоа за очекување е тој да се израмни со Роси, Мајк Хејвуд и со Карло Убијали, кои имаат по девет светски титули.

– Не ми се допаѓа зборот невозможно, никогаш нема да го кажам тоа, но многу е тешко да се достигнат титулите на Агостини. Тоа значи да се освојат двојно повеќе отколку досега. Никогаш не сум бил опседнат со бројки или со име, само уживам во мојата страст за трките, многу сум среќен во тоа што го правам и се обидувам да дадам сѐ од себе – вели Маркез.