Бојан Влакевски (лево) и Бранко Манев

Манев и Влакевски со Запрешиќ победија во Светскиот куп, а Димитровски со Мертојак славеше во Европскиот куп. Манев веќе ги освои сите три купа во куглање

Македонските куглари Бранко Манев, Бојан Влакевски и Димитар Димитровски постигнаа извонреден успех со клубовите за кои настапуваат. Манев и Влакевски со хрватскиот првак Запрешиќ триумфираа во Светскиот куп (СК), а Димитровски со хрватскиот вицепрвак, сплитски Мертојак, славеше во Европскиот куп (ЕК). Македонскиот претставник Вардар го освои 12-то место од 13 екипи. Запрешиќ во финалето го победи германски Зербст, со 6-2 (3.949-3.858)
– Очекував да бидеме први, бидејќи игравме на свој терен, а бевме и засилени со Влакевски и со Урош Стоклас – вели Манев, младинскиот светски првак од 2010 година, кој во Запрешиќ е шест години.

Димитар Димитровски

Синот на истакнатиот македонски куглар Тодор Манев веќе ги освои сите три купа, со Осиек, Купот на НБЦ, а лани со Запрешиќ и Европскиот куп. Голем удел во успехот на Запрешиќ, во кој е само два месеца, има и Влакевски.
– Потајно се надевавме дека ќе бидеме победници, бидејќи бевме домаќини, а задоволен сум од мојата игра во полуфиналето (659 кегли – н.з.) и финалето (667). Ова ми е втор странски клуб по Медвешчак, а прв трофеј од ваков тип. Сонот за вакви трофеи почна да ми се остварува – вели Влакевски.

Македонскиот претставник во ЕК, ГТЦ Мусандра, беше 13-ти. Мертојак во финалето го победи германски Бамберг со 5-3 (3.503-3501).
– Мертојак последниве години сигурно се искачува кон светската елита. Пред две години ја освои двојната титула во хрватското првенство, а лани беше финалист во СК. Ова ми е втор трофеј по оној со Макпетрол на Купот на НБЦ, каде што во финалето загубивме од Нојмаркт – вели Димитровски.
Македонскиот првак Макпетрол, кој настапи во Купот НБЦ, заврши на 11-то место, а Хераклеја е 24-та.