На денешниот „Хармони куп“, традиционален рагби турнир кој се одржува во Мелбурн, Австралија, организиран од „Аустралиа Фудбал Интернешнал“ (АФИ), дојде до побуна од грчкиот тим поради употребата на обележјата од страна на Македонија. Имено, репрезентацијата на Македонците од Австралија своето учество го пријавила со старото знаме со ѕвездата од Кутлеш и под името Македонија.

Грчката заедница во Австралија упати негодувања и протест до организаторите, а Пан-македонската организација на Грците од Мелбурн формално поднесе и протестно писмо до АФИ, но организаторите велат дека е предоцна да се спречи учеството на македонскиот тим.

– Предоцна е да се стори нешто во врска со недоразбирањето, бидејќи дресовите веќе се готови. По настанот планирам да преземам соодветните чекори за да се осигуриме дека вакво нешто нема да се повтори во иднина – изјави организаторот Брајан Кларк.

„Хармони купот“ има за цел славење на мултикултуралната разновидност и надминување на културните и етнички бариери во Мелбурн. Шест нации учествуваат на турнир предвиден како можност за дружење, натпреврување и уживање.