Под мотото „Засади дрво“ македонските џудисти и вљубеници во оваа древна благородна вештина ќе го одбележат Светскиот ден на џудото и роденденот на неговиот основач, Џигоро Кано. Со оваа еколошка порака џудистите и овој пат покажуваат дека џудото е многу повеќе од спорт. По повод глобалната прослава на Светскиот ден на џудото, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), утре ќе спроведе акција за засадување дрвца во околината на манастирот во селото Селце во Прилеп.

– Планетата земја е во опасност. Научниците и експертите низ целиот свет се согласуваат дека доколку не се направи ништо, нашиот заеднички дом, а со тоа и ние, жителите на оваа земја нема да имаме загарантирана иднина. Токму поради тоа Меѓународната џудо-федерација сака да придонесе кон заедничкиот напор да се обезбеди подобра иднина за нашите деца – пишува во апелот, кој во име на Светската џудо-федерација го пренесе ЏФМ.

Денес повеќе од 40 милиони луѓе тренираат џудо низ светот, што претставува голема бројка за потенцијално засадени дрвја на сите четири страни на планетата земја.