Македонската женска тениска репрезентација претрпе пораз од Косово (1-2) во вториот натпревар од групата Б, во рамките на Федерејшн купот во Евроафриканската зона 3, што се игра во Хелсинки, Финска (во сала, на тврда подлога).

Македонија ги загуби двата меча во поединечна конкуренција. Во првиот Магдалена Стоилковска (1.285 на ВТА-листата) загуби од Доника Башота, 2-6, 6-3, 5-7, а во вториот Лина Ѓорческа (385-та) беше поразена од Арлинда Рушити, 1-6, 6-3, 2-6. Во двојки утешна победа за Македонија забележаа Ана Ристевска и Александра Симева, против Веса Џинаи и Блеарта Укехаџаи, 6-4, 6-1.

Македонија во првиот натпревар на турнирот забележа убедлива победа над Конго, 3-0. Стоилковска ја совлада Глоире Мфоуманга во два сета со 6-2, 6-3, а Ѓорческа (385-та) ѝ препушти само еден гем на Викторија Мфоуманга, 6-0 и 6-1. Во двојки Стоилковска и Ѓорческа беа подобри од Глоире и Викторија Мфоуманга, 6-4 и 6-0.
Во групата Б, покрај Македонија се уште Кипар, Конго, Косово и Алжир.
Групата А ја сочинуваат Финска, Литванија, Малта и Исланд.