Добриот почеток со четири победи и со еден пораз ни овозможи многу силен турнир. Да ги имавме овие 13 бода, а да игравме со седум послаби селекции и со четири посилни, ќе беше неуспех, но вака значи силен турнир, што за мене е голем успех, вели Кутиров селекторот на машката репрезентација, по освоеното 48-мо место на Шаховската олимпијада

Македонската машка репрезентација (2.514 просечен рејтинг, рангирана 43-та пред турнирот), го освои 48-то место на 43-та Шаховска олимпијада (ШО), во Батуми, во конкуренција на 185 селекции. Селекцијата освои 13 бода (пет победи, по три ремија и порази) и 25 поени по табли, а пласманот е за пет места послаб од почетното рангирање. Најуспешен Македонец е Кирил Георгиев со 6,5 поени од 10 можни.
Најдобриот пласман досега е делба на 7-то место на ШО во Истанбул во 2000 година, кога исто така беа рангирани 43-ти од 129 селекции. Посакуваниот повисок пласман од најмалку 10 места од почетното рангирање, сепак, не беше видено иако составот беше далеку посилен отколку на неколкуте последни ШО.

– Бевме 43-ти по рејтинг, а завршивме на делба од 39-то до 60-то, со тоа што сме 48-ми, според дополнителниот критериум. Тоа е во рамките на нашите сили, но да не заборавиме дека освен Недев, кој загуби три рејтинг-поени, сите други освоија нови, што е успех. Добриот почеток со четири победи и со еден пораз до слободниот ден, ни овозможи многу силен турнир, каде што освен во првото коло, игравме во првата сала, односно меѓу првите 33 маси. Игравме со четири релативно послаби селекции, Брунеи, Панама, Уругвај и Мијанмар и сите убедливо ги победивме. Но игравме со дури седум посилни, од кои Грција ја победивме, а ремизиравме со Канада, Куба и со Турција. Загубивме од Ерменија, Грузија и од Молдавија. Да ги имавме овие 13 бода, а да игравме со седум послаби селекции и со четири посилни, ќе беше неуспех, но вака значи силен турнир, што за мене е голем успех. Сите шахисти играа солидно и борбено, секако најдобар беше Кирил Георгиев, бидејќи е светска класа.

Организацијата за нас беше проблематична, хотелот и храната одлични, но моравме секој ден да патуваме до салата од 45-60 минути, што многу нѐ истоштуваше. Светскиот шах многу напредна, во него многу се инвестира, има многу млади играчи и силни шахисти. Според тоа колку вложуваме во шахот, би рекол дека сме светско чудо – вели ВМ Роландо Кутиров, селекторот на машката репрезентација.

Македонската женска репрезентација (2.039 просечен рејтинг, рангирани 58-ми), го освои 70-то место (од 151 селекција) со 11 бода (по пет победи и порази и едно реми) и 24 поени по табли. Пласманот е за 12 места послаб од почетното рангирање. Најуспешна Македонка е ЖИМ Моника Стојковска со 6,5 поени од 10 партии (играше на втората табла). Шахистките најдобриот пласман го имаат на ШО 1998 во Елиста, кога беа 34-ти.

– Мислам дека тимски можевме да постигнеме подобар резултат, додека од мојот личен резултат на шаховската табла сум задоволна, но сметам и дека можев многу повеќе. За жал, ја изгубив последната партија и со тоа делумно го влошив својот резултат во Батуми – вели Стојковска.

Коскоска единствено остана непоразена во двете конкуренции и имаше најмногу ремија (седум), а Николовски и Николовска ниту еднаш не ремизираа. Најмногу победи остварија Стојковска (шест) и К. Георгиев (пет), а најмногу порази има Бејтовиќ (четири). Најмногу рејтинг-поени освоија Стојковска (29) и К. Георгиев (12,4), а загуби Драгана Николовска (-23,8).

Кај мажите, нов олимписки првак стана Кина (предводена од членовите на ШК Алкалоид, Лирен Динг и Јангуи Ју), пред досегашниот шампион САД и бронзената Русија. Кај шахистките, актуелниот шампион Кина (предводен од светската првенка Венјун Ју), ја одбрани титулата пред Украина и пред Грузија. Следната ШО треба да се одржи во Русија, во 2020 година. 


Три медали на досегашните ШО

Кај мажите, кои настапиле на 13 шаховски олимпијади (ШО), учествувале вкупно 17 шахисти, а кај жените 15. ВМ Трајко Недев е рекордер со 12, а кај дамите Габриела Коскоска со 11 учества. Досега тројца се закитиле со медали, и тоа со злато Драгољуб Јаќимовиќ (трета табла) во 2000 година, со сребро Владимир Георгиев (трета табла) во 2004-та и со бронза Недев (резервна табла), во 1996 година. Блиску до медал беше и Александра Јаневска-Кизова, која го освои четвртото место (резервна табла) на ШО 1998. Поединечно, најмногу поени на една ШО освоија В. Георгиев (9/12) и Недев (8/11), а кај дамите Коскоска (8/13).