Дел од македонската елита во проблемски шах, која остави неизбришлива трага во светскиот проблемски шах (од лево): Зоран Гаврилоски, Љубомир Анастасов, Живко Јаневски, Петре Стојоски, Георги Хаџи-Васков, Глигор Денковски, Иван Денковски, Златко Михајлоски, Тоде Илиевски и Бошко Милошески

На Светскиот конгрес на шаховската композиција во Вилнус, ВМ во проблемски шах Зоран Гавриловски освои специјална награда на официјалниот петдневен турнир во компонирање

На Светскиот конгрес на шаховската композиција (СКШК), кој се одржа во Вилнус (Литванија), велемајсторот (ВМ) во проблемски шах Зоран Гавриловски освои специјална награда на официјалниот петдневен турнир во компонирање. На конгресот беа доделени и трофеите од претходни натпревари (Гавриловски беше втор во групата тропотези на Олимпискиот турнир 2018 и втор во групата самоматови на Светското поединечно првенство во компонирање за 2016-2018).

На СКШК беше промовиран и најновиот ФИДЕ-албум (ФА) за периодот од 2013 до 2015 година, официјална антологија на 1.499 проблеми и студии, кои се бодуваат (еден проблем носи еден ФА-поен, една студија 1,67, еден проблем од двајца автори половина поен за секој од нив итн.), за освојување титули (12 ФА-поени за ФИДЕ-мајстор, 25 за ИМ, 70 за ВМ), а се значајни за утврдување неформален рејтинг на шаховските композитори.

Македонските проблемисти во ФА 2013-2015 освоија вкупно 49 поени, и тоа Гавриловски 29 (вкупно петти во ФА 2013-2015), ИМ Златко Михајлоски 10,5 и ВМ Живко Јаневски 9,5 поени. Гавриловски (кој е меѓународен судија на ФИДЕ) судеше во групата матови во три потези за ФА 2013-2015, а за ФА 2016-2018 (за кој изборот е во тек) е директор во групата самоматови. Лани ваков конгрес се одржа во Охрид, кога се одржа и Светското првенство.