Кирил Георгиев

Во однос на минатиот месец, Македонија бележи пад од едно место на листата на ФИДЕ меѓу 185 држави

Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (2.595) води и е единствен со рејтинг над 2.500 поени од македонските шахисти на листата на ФИДЕ за февруари, а осуммина имаат рејтинг над 2.400. Водечкиот е 261. меѓу активните играчи на светската листа, на македонската го следат шампионот на Македонија, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски (2.498) и ВМ Трајко Недев (2.495). Најдобропласирана шахистка и понатаму е ФМ Моника Стојковска (2.135), која е 38. на целата листа. Меѓу првите 100 на македонската рејтинг-листа, само 14 одиграле официјални партии во јануари (вкупно 45), а најмногу ВМ Никола Митков (девет).

Водечка селекција во светот (се земаат рејтинзите на најдобрите 10 на листата) е Русија (2.737, минус три поени во однос на минатата листа), пред Кина (2.711) и САД (2.702). Македонија (2.468) е на 52-то место од вкупно 185 држави, а во однос на јануари падна за едно место. Македонија со месеци не успева да ја надмине бариерата од 50-то место. Пред Македонија се Колумбија (2.469), Литванија (2.471), Финска (2.473), а зад Македонија најблиску е Црна Гора (2.455).

Победата на светскиот шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.845), на турнирот во Вајк ан Зе му донесе 10 поени и сега има 17 повеќе пред Италијанецот Фабијано Каруана (2.828, без нови поени) на најновата рејтинг-листа на ФИДЕ.

Четвртопласираниот, членот на Алкалоид, Кинезот Лирен Динг (2.812), загуби еден поен, но напредуваше за едно место и сега е трет. Холанѓанецот Аниш Гири стигна до четвртото место, а Азербејџанецот Шакријар Мамеѓаров падна на петтото.

Поранешниот светски првак Русинот Владимир Крамник, кој објави заминување во пензија, падна на 14-то, со 2.753 поени, губејќи дури 24 поени.

Кај жените не се забележени големи промени и понатаму е неприкосновена Јифан Хоу од Кина (2.662), пред сонародничката и светската првенка Венју Ју (2.575), а на третото место изби Русинката Катерина Лагно (2.560).