Викендов на ЕП за кадети, јуниори и за постари јуниори во Данска ќе се натпреваруваат 1.092 каратисти од 51 држава

Македонија со вкупно 29 каратисти во сите возрасни категории ќе настапи на претстојното 46-то Европско првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое од петок до недела ќе се одржи во Алборг, Данска. Конкуренцијата ќе биде многу силна, ако се знае дека ќе настапат 1.092 каратисти од 51 држава.
Македонските репрезентативци ќе бидат предводени од селекторите Стојан Андриевски (кати), Александар Кузмановски (кадети и јуниори), Арлинд Хусеини (постари јуниори).

– Се чувствувам подготвен и на физички и на психички план. Работев напорно и моите очекувања се од Алборг да се вратам со медал, иако конкуренцијата ќе биде голема – вели јуниорот на КК Металург, Александар Неделковски, кој ќе настапи во кати.

Македонското карате последниве неколку години остварува одлични резултати, а последниот освоен медал е минатата година, кога Фаик Весели (категорија до 61 кг) во борби се закити со сребрен медал од сениорското Европско првенство во Русија.

– Радува податокот за зголемениот интерес на младите што се занимаваат со овој спорт, но и големиот број каратисти, кои остваруваат врвни резултати на меѓународно ниво, со што се оправдува петдецениското постоење на каратето во Македонија – рече директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Дарко Каевски, кој на вчерашната средба на репрезентативците им посака успех.