На вториот ден најдобриот македонски атлетичар Јован Стојоски (21) постави нов македонски рекорд на 200 метри (21,35 сек.). Првопласираниот Исланд
(430 бода), следната година ќе се натпреварува ранг погоре, односно во Втората лига

Атлетската репрезентација на Македонија го освои седмото место на 8-то Европско екипно првенство (ЕП) – трета лига, кое викендов се одржа во арената „Тодор Проески“ во Скопје во конкуренција на над 300 натпреварувачи од 14 земји, а меѓу нив и Македонија, со 24 атлетичар(к)и во повеќе дисциплини. По дводневните возбудувања првопласирана заврши атлетската репрезентација на Исланд (430 бода) и следната година ќе се натпреварува ранг погоре, односно во Втората лига, пред Србија, која заостана само три бода, додека трета е Бих со 385.

На вториот ден од ЕП најдобриот македонски атлетичар Јован Стојоски (21) постави нов рекорд на Македонија на 200 метри (21,35 сек.), што е за пет стоти дела од секундата подобро од досегашниот рекорд, кој исто така беше во негова сопственост и на Македонија ѝ донесе 13 поени.

Дарио Ивановски на 3.000 метри го освои третото место (8.20,28 мин.) и нови 11 бода, а солидна, четврта, беше Дрита Ислами на 200 метри (25,65 сек.).
Да потсетиме дека од македонските атлетичари и на првиот ден блескаше Јован Стојоски, кој мина прв низ целта во трката на 100 метри (10,72 сек.), што е негов личен рекорд, а на 400 метри, беше трет, (46,94 сек.), што наедно претставува и нов рекорд на Македонија (до 23 години).

Од другите македонски претставници за одбележување е победата на Дрита Ислами на 400 метри со пречки (1:00,81 мин.), како и третото место на 400 метри со личен рекорд (56,72 сек.). Дарио Ивановски во трката на 1.500 метри, заврши шести (3:53,25 мин, а Кокан Ајановски (37), беше седми на 5.000 метри со личен рекорд (16:10,65 мин.).


Србија го загуби првото место по дисквалификацијата во последната трка

Србија пред одржувањето на последната дисциплина имаше девет бода предност, но нивната машка штафета на 4х400 м беше дисквалификувана, откако мина прва низ целта, а причината беше наводен судир на српскиот и молдавскиот атлетичар на патеката број два, на која трчал Србинот. Српската делегација вложила жалба на оваа одлука, која сепак била одбиена, па во знак на револт српската репрезентација не се појави на завршната церемонија на доделување на медалите.


Топ 10 репрезентации
1. Исланд 430 бода
2. Србија 427
3. БиХ 385
4. Молдавија 377
5. Ц. Гора 283
6. Ерменија 273
7. Македонија 263
8. Сан Марино 228,5
9. Косово 181,5
10. Албанија 172,5