На претходните три меча, најдобрите македонски одбојкари претрпеа порази од Финска (1-3), Турција (0-3) и од Русија (0-3). Вечерва е дуелот со Белорусија, во 20.30 часот

Ласте Димитриевски
наш известувач од Љубљана

Македонија – три меча, три порази на Европското првенство (ЕП) во одбојка, во групата Ц во Љубљана. Бранителот на титулата Русија – три меча, три победи и пласман во осминафиналната рунда на ЕП што првпат се одржува во четири земји, во Словенија, Франција, Холандија и во Белгија. Од групата Ц и Словенија е пред заверка на пласманот меѓу 16-те најдобри.

– Кога ќе се сумираат трите меча што ги одигра Македонија досега, мислам дека можевме и требаше да биде подобро. Причини зошто е вака има повеќе, никогаш не е само една работа. Јас лично жалам за неколку работи, пред сѐ за третиот сет против Турција, кога застанавме, како и за мечот со Финска. Добро игравме, водевме во сите сетови, но не издржавме. Сега ни преостанува да се регрупираме, да одиграме што е можно најдобро и на крајот да видиме што беше добро, што лошо и да извлечеме поуки. Во контекст на ова e и средбата со првиот човек на Словенечката одбојкарска федерација, кој, меѓу другото, пред почетокот на шампионатот ми рече дека не треба да се разочаруваме премногу ако не поминеме најдобро, туку дека треба и понатаму да продолжиме напорно да работиме. Тој ми рече: „Ние на првите три настапи на ЕП не забележавме ниту една победа, тоа ни успеа дури на четвртото, треба трпение“ – вели селекторот на македонската репрезентација, Никола Матијашевиќ.

Во третиот меч на ЕП, Македонија, очекувано, го претрпе третиот пораз, од бранителот на титулата, Русија, со 0-3 (15-25, 16-25, 28-30) за 84 минути игра. Русите ја забележаа третата победа и си обезбедија пласман во следната рунда. Македонските одбојкари одиграа солидно против големиот фаворит, беа на прагот на освојување почесен сет (третиот). Двете селекции беа рамноправни во повеќето статистички категории, сервис, прием, асови, но Русите доминираа на мрежа, имаа 14 успешни блока, наспроти двата на Македонија. Селекторот на македонската селекција Матијашевиќ, како и неговиот колега, финскиот стручњак за клупата на Русија, Томас Самелво, направија повеќе промени во составите, одморајќи некои одбојкари.
– Мислам дека главната причина за нашиот пораз беше недостигот од искуство. Имавме можност да го освоиме третиот сет. Генерално, третиот сет беше добар, игравме подобро отколку против Турција и мислам дека ова малку ќе ни ја зголеми самодовербата. Не сакам да создадам некаков притисок, но во добра атмосфера и поддршка од навивачите можеме да очекуваме добри натпревари – вели Матијашевиќ.
Вчерашниот ден беше ден за одмор за македонските одбојкари пред двата завршни меча, вечерва со Белорусија и утре попладне со Словенија.

– Вчера немавме натпревар, но денот го поминавме работно, односно претпладнето во вежбалница, без многу напрегања, а попладнето со анализа на играта на Белорусите и гледање на мечот со Финска. Двата меча ни се битни, особено вечерашниот со Белорусија. Би било одлично доколку победиме – вели Матијашевиќ.


Прв триумф за Црна Гора

Црна Гора, која, како и Македонија, е дебитант на ЕП во одбојка, ја забележа првата победа, над Естонија, со максимални 3-0, во групата Д во Ротердам, Холандија. Домаќинот Холандија во израмнет и возбудив меч ја совлада Украина со идентични 3-0. За „лалињата“ тоа беше втора победа, а Украинците имаат ефект од по една победа и пораз.
Покрај Русија (група Ц), Бугарија (група А) е втората репрезентација што веќе обезбеди пласман во осминафиналето. Бугарите во третото коло ја совладаа Португалија со 3-1, а во претходните две кола беа подобри од Романија и од Грција, победувајќи ги со по 3-0.
Во групата Б, домаќинот Белгија ја прокнижи втората победа, против Германија (ги загубија двата меча) со 3-2, иако губеше со 0-2. Две победи по првите две кола има и Словачка.


На трибините во „Стожице“ има најмногу Словенци и Финци

Словенија, која во синоќешниот натпревар против Турција играше за заверка на билетот за осминафиналната фаза на одбојкарското Европско првенство, во вториот меч ја совлада Финска со 3-1 (25-18, 26-24, 24-26, 25-15). Финците ја имаат најголемата навивачка поддршка од сите селекции во Љубљана, јасно, ако се изземе домашната селекција. Во арената „Стожице“, која е со капацитет од околу 12.000 места, на мечот со Словенија имаше колу 2.000 фински навивачи облечени во сини маички (во салата на крајот од вториот сет беа изброени вкупно 7.863 гледачи). Најмалобројни се навивачите на Македонија и на Белорусија.


ГРУПА Ц
Македонија – Финска 1-1
Турција – Русија 1-3
Словенија – Белорусија 3-0
Македонија – Турција 0-3
Белорусија – Русија 1-3
Македонија – Русија 0-3
Словенија – Финска 3-1

ТАБЕЛА
Русија 3 3 0 9-2 9
Словенија 2 2 0 6-1 6
Турција 2 1 1 4-3 3
Финска 2 1 1 4-4 3
Белорусија 2 0 2 1-6 0
Македонија 3 0 3 1-9 0
Синоќа: Белорусија – Финска и Словенија – Турција. Денеска: Македонија – Белорусија (20.30 часот), Русија – Финска (13.30 ч.).

 

[email protected]