ЦЕВ објави дека од одбојкарското ЕП што почна вчера има преноси во над 150 земји од целиот свет, згора и со содржини на официјален канал на Јутјуб, новости и најважни настани на Евроспорт…, што сѐ заедно е показател за привлечноста на настанот на кој вчера дебитира и Македонија

Европското првенство (ЕП) во одбојка за мажи, кое од вчера се игра во Франција, Холандија и во Словенија, обезбеди вистинска глобална ТВ-публика, со воспоставени договори за ТВ-преноси во повеќе од 150 земји и територии низ целиот свет, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. Тоа е показател за привлечноста на настанот на кој вчера дебитира и Македонија.

ЦЕВ информира дека во сите преостанати земји каде што нема обезбедено пренос, мечевите во живо ќе бидат достапни преку платформата на ЦЕВ. Тоа, заедно со официјалниот канал на ЦЕВ на Јутјуб, ќе им овозможи на љубителите на одбојката дополнителна содржина, како што се моменти и видеа снимени зад сцената на турнирот. Покрај тоа, ЦЕВ информира дека Евроспорт ќе прикажува новости и најважни настани.

Со денешните мечеви во групите Б и Д ќе биде заокружено првото коло од континенталното првенство, но во групата Ц веќе ќе се игра второто коло, во кое Македонија од 17.30 часот се среќава со Турција. Другата денешна средба од оваа група е Белорусија – Русија, а мечот Словенија – Финска е утре.

Европскиот првак Русија игра во групата Ц, а во групата Б се следните три селекции пласирани од второто до четвртото место од минатото ЕП во 2017 година. Тоа се Германија, Србија и Белгија. Во таа група се и Австрија, Словачка и Шпанија, а мечевите се играат во Брисел и во Антверпен.

Светскиот првак Полска (славеше на Мундијалот во 2018 година во Италија и во Бугарија), пак, е во групата Д, заедно со репрезентациите на Холандија, Чешка, Естонија, Украина и Црна Гора, во групата што се игра во Ротердам и во Амстердам.


ДЕНЕСКА НА ЕП

ГРУПА А
Бугарија – Романија 17.15 ч.
Италија – Грција 20.45 ч.
ГРУПА Б
Србија – Германија 15 ч.
Словачка – Шпанија 17.30 ч.
Белгија – Австрија 20.30 ч.
ГРУПА Ц
Македонија – Турција 17.30 ч.
Белорусија – Русија 20.30 ч.
ГРУПА Д
Чешка – Украина 14 ч.
Естонија – Полска 17 ч.
Холандија – Црна Гора 20 ч.


Денеска црвено-жолтите играат со победникот на Европската златна лига

Македонската одбојкарска репрезентација денеска ќе го игра мечот од второто коло на Европското првенство, во групата Ц, со селекцијата на Турција, од 17.30 часот, во Љубљана. Црвено-жолтите вчера во првото коло се сретнаа со Финска, а Турција играше со Русија. Турција 10-ти пат настапува на континенталните првенства, а најдобриот резултат го оствари на првенствата во 1963, 2011 и во 2017 година, со освојување на 11-то место, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), на својата интернет-страница, која пренесе и дека Турција има две победи и 15 порази на натпревари на европските првенства од кога се врати во конкуренција во 2007 година. Победите се против Австрија (3-0 на ЕП во 2011 година) и против Холандија (3-1 на ЕП во 2017 година). Годинава Турција победи во финалето на Европската златна лига против Белорусија (3-0).