Патеката е подготвена, временската прогноза вели дека нѐ очекува сончево и студено време во Маврово, каде што има висока снежна покривка и услови што ќе им одговараат на натпреварувачите, вели селекторот Динески

На падините на Бистра во Маврово, во месноста Мирна Долина, денеска и утре треба да се одржи 56-от Мавровски меморијал во скијачко трчање, во машка и во женска конкуренција. На меморијалот ќе настапат педесетина тркачи од седум земји – Македонија, Србија, БиХ, Хрватска, Грција, Турција, Бугарија (Црна Гора откажа во последниот момент). Тие ќе се натпреваруваат во трките на 10 км во машка и на пет километри во женска конкуренција. Почетокот на натпреварите во двата дена е во 10 часот, со директен пренос на ТВ24.

– Патеката на која ќе се одвиваат натпреварите е подготвена и е во најдобар ред. Временската прогноза вели дека денеска и утре нѐ очекува сончево и доста студено време во Маврово, каде што има висока снежна покривка и услови што ќе им одговараат на натпреварувачите. Очекувам квалитетни натпревари и добри пласмани на македонските скијачи, пред сите на Ставре Јада, кој лани беше втор и четврти – вели Ѓоко Динески, селекторот на Македонија.

Најголеми шанси за триумф му се даваат на Бугаринот Мартин Пенев, кој лани беше најдобар на двете трки. Покрај Јада, Македонија на меморијалот ќе ја претставуваат Никола и Андонаки Костовски во машка, Викторија Јовановска, Викторија Тодоровска, Ана Цветановска и Богданка Илиоска во женска конкуренција.

Мавровскиот меморијал традиционално се одржува од 1962 година во спомен на 38-те градители на мавровскиот електросистем и на 14 храбри граничари, кои ги загубија животите во снежната лавина во 1956 година.