Освен поништувањето на првата победа во кариерата и одземањето на 100-те бода, германскиот скијач ќе мора да ја врати и паричната награда од 45.000 швајцарски франци (39.700 евра), поради тоа што помеѓу две трки користел маска со кислород

Интернационалната скијачка федерација (ФИС) и официјално потврди дека му ја одзема победата на Германецот Стефан Луиц во велеслаломската трка во Бивер Крик лани во декември, затоа што користел кислород во паузата помеѓу двете трки. Победата ќе му биде запишана на Австриецот Марсел Хиршер, кој беше второпласиран.
Освен поништувањето на првата победа во кариерата и одземањето на 100-те бода, Луиц ќе мора да ја врати и паричната награда од 45.000 швајцарски франци (39.700 евра). Единствено добро за него во случајов е што нема да биде суспендиран.

Според правилата на ФИС, не е дозволено користење маска со кислород, иако Светската антидопинг-агенција (ВАДА) тоа не го смета за прекршок и за вид на допинг. По сето ова, Луиц и Скијачката федерација на Германија најавија жалба до Спортскиот арбитражен суд (САС) во Лозана, Швајцарија.

Луиц имаше тешка повреда на лигаментите на коленото во декември 2017 година, по која долго паузираше. Враќањето на патеките, и тоа триумфално, но и контроверзно, се случи во Бивер Крик.

Маските со кислород скијачите ги користат за да го забрзаат закрепнувањето на поголемите височини. Употребата на тие маски е честа и е дозволена за време на тренинзите, надвор од натпреварите во рамките на ФИС. Случајот на Луиц е по малку чуден, бидејќи тој го сторил тоа пред ТВ-камерите и пред официјалните лица. Тогаш и немало официјални протести, но откако Луиц се појавил со маската на неколку фотографии, јасно се видело дека ги прекршил правилата. 


Риглер со 45 години стана најстара победничка во сноуборд

Австријката Клаудија Риглер во четвртокот влезе во историјата на Светскиот куп (СК) во сноуборд како најстара победничка. Таа славеше во паралелслалом на домашен терен, во Бад Гаштајн, на возраст од 45 години. Досегашна рекордерка беше Канаѓанката Џеси Џеј Андерсон, која победи во СК со 42 години. Риглер триумфира со доминантен стил против противнички од кои е речиси двојно повозрасна.
Во алпското скијање најстар победник е Швајцарецот Дидие Куш, кој во 2012 година славеше во супервелеслалом на возраст од 37 години и 192 дена. Во скијачките скокови, пак, Јапонецот Нориаки Касаи е највозрасниот победник во СК, кога во 2014 година победи со 42 години и 176 дена. Во нордиско скијање Финецот Хари Кирвесниеми во 2000 година победи во трка од СК на возраст од 41 година и 306 дена.