Турската шахистка Дидем Јурдакул (рејтинг 1.604 поени, рангиран 13-ти пред турнирот), триумфира на 3-от меѓународен турнир „Ласкер 2018“, кој во организација на ШК Ласкер, се одржа во Охрид. Во конкуренција на 67 шахисти и 24 шахистки, од Србија (8), Хрватска (1), Турција (3), Албанија (22), Бугарија (8) и од Македонија (49), во шест возрасни категории (од осум до 18 години), победничката освои 6,5 поени (заработи 116,4 рејтинг-поени).

Втора беше Бугарката Патрицие Најманова (1.839, рангирана 3-та) исто така со 6,5 поени, но со послаб дополнителен критериум, а трет беше Македонецот Кристијан Велковски (1.887, рангиран втор) со шест поени. Турнирот, кој ретко може да се види на Балканот со ваква бројност, помина во одлична организација, а многумина од учесниците изразија желба во иднина тој да прерасне во Балканско младинско првенство и со уште повеќе учесници.

– Зададовте домашна задача за целиот Балкан. Вака го опиша турнирот еден од родителите на учесниците на турнирот, што доволно кажува сѐ. Учесниците и нивните родители беа многу задоволни од приемот и организацијата, а самиот турнир беше одржан според правилата на ФИДЕ и официјално рангиран. Ова е веќе трета година како малата шаховска школа Ласкер од Охрид организира голем настан, а секоја година бројот на учесници расте – вели Методија Анѓелкоски, кој беше вклучен во организацијата на турнирот.

На првото вакво издание во 2016 година настапија 63 шахисти, а победи Бугаринот Димо Терзиев со шест поени, а лани во конкуренција на 81 учесник најдобар беше Филип Михов од Македонија со 6,5 поени.


ПОБЕДНИЦИ ПО КАТЕГОРИИ
до 8 год. Данаил Попзафиров (Бугарија)
до 10 год. Кирил Николовски (Македонија)
до 12 год. Алексеј Новаковиќ (Србија)
до 14 год. Патрицие Најманова (Бугарија)
до 16 год. Кристијан Велковски (Македонија)
до 18 год. Дидем Јурдакул (Турција)