Петар Спасеновски

Македонските карате-надежи освоија 16 медали (пет златни, две сребрени и девет бронзени), по двата дена на 31-то Балканско првенство (БП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во Дубровник, Хрватска. Пред вчерашниот последен ден, во кој останаа да се одржат уште екипните настапи во сите три конкуренции, Македонија беше на третото место според бројот на медали, веднаш зад Србија со 28 (10-4-14) и Турција со 21 медал (8-5-8).

Со златен медал се закитија постарата јуниорка Вероника Костовска (категорија до 61 кг), кадетот Омер Мусљији (до 63 кг), јуниорот Абдурахим Идризи (до 55 кг) и постарите јуниори Доан Османи (до 75 кг) и Петар Спасеновски (до 84 кг), сите во борби. Сребро освоија јуниорот Марко Бунтески во кати и постариот јуниор Столе Смилковски (до 60 кг) во борби, а „бронзени“ станаа јуниорот Александар Неделковски (кати), постарите јуниорки Матеа Талеска (кати), Верона Ајдини (до 50 кг), Сара Крстевска (до 55 кг) во борби, јуниорката Марија Милева (до 53 кг), постарите јуниори Фаик Весели (до 60 кг) и Стефан Апостолов (до 67 кг), кадетот Бојан Костов (до 52 кг) и јуниорот Глигор Петков (над 76 кг), сите во борби.