Претседателот на ИОК, Томас Бах на Чарлс Дјук, 10-от човек што одеше по Месечината, му го предаде трофејот со име „Небото е граница“, откако за време на мисијата „Аполо 16“ во 1972 година изведе вежба за скок во височина, во чест на олимписката година

Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) му даде специјално признание на космонаутот Чарлс Дјук, кој своевремено го однесе олимпискиот дух на Месечината. Во април 1972 година, неколку минути пред заминувањето од Месечината за време на мисијата „Аполо 16“ американскиот космонаут и неговиот претпоставен Џон Јанг решија да направат неколку вежби за скок во височина во, како што ја нарекоа Месечинска олимпијада, во чест на олимписката година. За да го награди тимот што го однесе олимпискиот дух од Земјата на Месечината претседателот на ИОК, Томас Бах на Дјук му го предаде трофејот „Небото е граница“. Дјук беше 10-от човек што одеше по Месечината.

– Чарлс Дјук навистина ни покажа дека олимпискиот дух нема никакви граници. Изведбата на мисијата „Аполо 16“, исто така, беше одраз на олимписките вредности. Прво, извонредност во сѐ што ги правеа – не можев замислам подобар пример за значењето на олимпиското мото „Побрзо, повисоко, посилно“. Но, беше прикажан и тимскиот дух, со третиот космонаут, Кен Матингли, кој летајќи во орбитата на Месечината ја поддржуваше мисијата од далечина. Беа прикажани и солидарноста и почитта, кога Дјук падна, а Јанг му помогна да стане. Насловот на трофејот е „Небото е граница“, но тоа зависи од дефиницијата на небото на Дјук и дали Месечината е надвор од неа или не – изјави Бах. Дјук рече дека е почестен што добива ваков трофеј.

– Мислам дека Месечината не е границата, еден ден ќе бидеме на Марс. Отсекогаш сум ги сакал олимписките игри, ги гледав и зимските и летните. Аполо го покажа тој дух на еден олимпиец на Игрите, на здружувањето на луѓето од целиот свет. Кога Нил Армстронг првпат зачекори на Месечината милијарди луѓе од целиот свет го гледаа како „го направивме тоа“. Гледајќи ја таа соработка што светот ја доживеа за време на мисијата „Аполо“, тоа ме потсети толку многу на олимпискиот дух на спојување на сите луѓе заедно – рече Дјук.