Повратничката во репрезентацијата Катерина Петровска

Бојана Бејатовиќ (2.057 рејтинг-поени), Драгана Николовска (1.856), женската интернационална мајсторка (ЖИМ) Габриела Коскоска (2.033), Катерина Петровска (1.966) и Ивана Манова (1.745) се шахистките што ќе ги бранат боите на Македонија на претстојната 43. Шаховска олимпијада (ШО), од 23 септември до 6 октомври, во грузискиот град Батуми. Тоа ни го соопшти селекторот на женската шаховска репрезентација на Македонија, велемајсторот (ВМ) Александар Чоловиќ.

Според овој состав, кој до понеделник селекторот треба да го пријави во Батуми, се наоѓаат две нови имиња, повратнички во репрезентацијата. Тоа се Коскоска и Петровска, а во однос на последната ШО во Баку (Азербејџан), ги нема ЖФМ Моника Стојковска и Симона Лакинска.

Коскоска (49) е најискусна шахистка во составот, која настапила на девет од вкупно 10-те ШО, откога настапува Македонија. Бејатовиќ (24) и Николовска (22) се редовни репрезентативки од 2010 година, со четири ШО, младата Манова (17) има две учества (2014 и 2016), а повратничката Петровска (34) досега има три настапи (2004, 2006, 2010).
Претходно составот го објави и селекторот на машката шаховска репрезентација ВМ Роландо Кутиров, а за Македонија ќе играат велемајсторите (ВМ) Кирил и Владимир Георгиев, Трајко Недев и интернационалните мајстори (ИМ) Филип Панчевски и Никола Николовски.


Јубилеен шаховски турнир на општината Илинден

По повод одбележувањето на патрониот празник на општината Илинден, Илинден – 2 Август, под мотото „Ние навиваме за Македонија“, денеска во домот на општината Илинден, по 10-ти, јубилеен пат ќе се одржи брзопотезен шаховски турнир. Турнирот ќе се реализира во соработка со Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), а ќе започне во 10 часот. Се очекува да настапат околу 40 шахисти, меѓу кои и повеќе истакнати македонски имиња. Лани на турнирот триумфира членот на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, скопскиот ФИДЕ-мајстор Зоран Стојчевски. Г.И.