Гоф, најмладата тенисерка што се квалификувала за главниот турнир, во првото коло ја елиминира петкратната шампионка, В. Вилијамс, со што заработи повеќе отколку во досегашната кариера, но, според „Форбс“, годинава се очекува да заработи повеќе од еден милион долари, благодарение на спонзорите

Младата 15-годишна Американка, Кори Гоф, влезе во (пре)богатата историја на легендарниот тениски гранслем-турнир на Вимблдон, и е име што треба да се запамети. Гоф, чиј прекар е Коко, е најмладата тенисерка (со 15 години и 122 дена) што се квалификувала за главниот турнир во опен ерата, од 1968 година, згора и без загубен сет во трите квалификациски меча. Во првата рунда на главниот турнир, Гоф ја елиминира петкратната шампионка, сонародничката Венус Вилијамс (39) во два сета со 6-4, 6-4.

– Не можам да објаснам како се чувствувам. Првпат ми се случува да плачам по добиен меч. Не очекував дека вакво нешто ќе ми се случи, сѐ е како во сон. Моите родители се пресреќни, татко ми скокаше на секој добиен поен – изјави Гоф.
Таа е и најмладата тенисерка што забележала победа во првата рунда на Вимблдон, по 1991-та, кога Џенифер Капријати, исто така, на 15 години, ја елиминира Мартина Навратилова.

Гоф лани победи на Ролан Гарос во младинска конкуренција, на 14- годишна возраст. Таа е млада, висока, со атлетска фигура, поседува силен сервис и ја споредуваат со Серена Вилијамс, освојувачката на 23 гренслем-титули, за која Гоф вели дека е нејзиниот херој.

Таа е дел од менаџерската компанија „Тим8“ на Роже Федерер и, според „Форбс“, годинава се очекува да заработи повеќе од еден милион долари, благодарение на спонзорите како што се „Њу баланс“ (спортска опрема), „Хед“ (рекети) и „Барила“ (тестенини), италијанска фирма со над 140-годишна традиција, која досега спонзорираше само двајца врвни спортисти, индивидуалци, Федерер и американската скијачка, Микаела Шифрин. Според ВТА, досегашната заработка од турнири на Гоф била околу 75.000 долари, а сега со влезот во второто коло таа веќе заработи околу 94.000 долари.

Кори Гоф е родена во Атланта, Џорџија, но сега живее во Делреј Бич, Флорида. Татко ѝ Кори играл кошарка на универзитетот во Џорџија, а нејзината мајка, Кенди, прво била гимнастичарка, а потоа трчала за универзитет во Флорида. Нејзиниот природен атлетизам е очигледен, но нејзината ментална сила и нејзиниот карактер се еднакво импресивни, помагајќи ѝ да се справи со притисокот и да се смета за „следно големо нешто“.

Тренерот на Серена Вилијамс, Патрик Муратоглу, работеше со Гоф минатите неколку години и верува дека таа е подготвена да се справи со она што се очекува од неа.
– Таа е една од тенисерките што доживеаја неверојатен притисок уште на рана возраст. Тоа не се гледа често, реткост е некој(а) да е во центарот на вниманието на толку рана возраст, обично станува збор за играчи на 15, 16, 17 години кога почнуваат да го чувствуваат тој притисок, и повеќето од нив не се справуваат најдобро со тоа. Може да се почувствува притисокот што го има. Не дека таа не се грижи за тоа, тоа се чувствува, но се забележува дека таа наоѓа начин како да се справи со тоа. Врвните играчи се во иста ситуација, тие го чувствуваат притисокот, но и се справуваат со него – вели Муратоглу.

Пофални зборови за Гоф, искажа и седумкратниот гранслем-победник, Џон Мекинро.

– Ако таа не биде број 1 на светот до 20 години ќе бидам шокиран. Венус имаше лоша среќа што мораше да игра со неа уште во првата рунда – изјави Мекинро. 


Влез во славно тинејџерско друштво

Пред Кори Гоф место во „фолклорот“ на Вимблдон си обезбедија уште неколку тинејџерки. Швајцарката Мартина Хингис дебитираше на Вимблдон во 1995, на 14-годишна возраст, и загуби во првото коло. Следната година таа стана најмладата гранслем-шампионка во историјата, победувајќи во двојки, на 15,9 години. Во 1997-та победи и во сингл.
Џенифер Капријати (САД), во 1990-та, на 14 години, стигна до осминафиналето во кое загуби од Штефи Граф. Нејзината кариера потоа продолжи неславно, но успеа да се соземе и многу години подоцна да освои три гранслем-титули и да стане светски број 1.
Кетји Риналди (САД), 1981, исто така, на возраст од 14 години, во 1981-та, беше означена како наследничка на Крис Еверт. Во 1985 година стигна до полуфиналето, а следната година беше седморангирана на ВТА-листата.
Трајси Остин (САД), 1977, на 14 години, во 1977-та помина две кола, а потоа во третото загуби од Крис Еверт. Две години подоцна победи на САД опен, потоа по две години уште еднаш, но повредите беа фатални за неа. Тешката сообраќајна несреќа во 1989 година го означи крајот на сите надежи за успешно враќање. Сега е стручен коментатор на Би-би-си на Вимблдон.
Андреа Џегер (САД), 1980-та, како 15-годишна тенисерка дотурка до четврт-финалето, а три години подоцна играше и во финалето во кое загуби од Мартина Навратилова. Повредата на рамото ја принуди да се повлече во 1985 година.