На половината од 102-то издание на велосипедската трка Џиро д’Италија (по 10 извозени етапи од вкупно 21), во генералниот поредок води Италијанецот Валерио Конти со предност 1,50 минута пред Словенецот Примож Роглич, кој се смета(ше) за прв фаворит за триумф на оваа трка.

Роглич кој победи на двете брзински хронометарски трки (во првата и деветтата етапа) останува во прв план, има солидна предност пред главните ривали, што му овозможува да тактизира и со помош на своите колеги од тимот да нападне кога ќе биде најпотребно.

Од преостанатите фаворити, прв, поради повреда се откажа Холанѓанецот Том Думулан, победникот во 2017 г., во четвртата етапа. Италијанецот Винченцо Нибали (победи во 2013г. и 2016г.) има заостаток од 1,44 минута зад Роглич, Британецот Сајмон Јејтс доцни 3,46, а Мигел Анхел Лопез 4,29 минути. Но кај
обложувачниците главни фаворити и натаму остануваат Роглич, Нибали, Јејтс, Лопез, Ричард Карапаз, Бауке Молека и Микел Ланда. Процените се дека Конти, кој води од шестата етапа, ќе ја задржи „розовата“ маичка до крајот на втората недела од трката, по што, откако „карванот“ ќе се пресели на Алпите, на тешките планински превои, ќе се решава за победникот.

Со големо интересирање се очекува саботната 14-та, кратка (131 км), но најтешка етапа досега, со цел во Курмарер, на која Јејтс, па и Лопез ќе мора да напаѓаат ако сакаат да ја намалат временската разлика со Роглич.
Во недела исто така се очекуваат многу возбудувања на најдолгата делница (237 км) од Ивреа до Комо, на патиштата во Ломбардија, кои му се добро познати на Нибали.