Во отсуство на легендарниот Болт, кој повеќе години владееше на „стотка“, шансата прв ја искористи Американецот Колеман, кој е светски рекордер во сала на 60 метри

Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“

Во Доха уште во првите два дена се разгоре борбата за медалите на 18. Светско првенство (СП) во атлетика, на кое има претставници од 205 земји (израмнет рекордот со СП во Париз во 2003 година), потоа 3.500 актери (атлетичари и тренери) и околу 2.000 новинари. Интересно е дека пред почетокот се стравуваше од високите температури во овој регион, но домаќините сторија сѐ за да ги разладат трибините и борилиштата, со многубројните клима-уреди на кружните конструкции на стадионот „Калифа“.

Нема да верувате, меѓутоа навечер, кога се ближи крајот од програмата, дури и застудува. Но ако оние што се натпреваруваат на патеката имаат релативно добри климатски услови, оние што треба да учествуваат во маратонот и во брзото одење мака мачат. Пример за ова е женскиот маратон, кој почна една минута пред полноќ и помина со многу откажувања. На стартната линија се појавија 68 маратонки, од кои трката ја завршија 40, а победничка беше Кенијката Рут Чепнгетич, со резултат од 2:32,43 часа. Втора беше Роз Челимо од Бахреин, а трета Хелација Јоханес од Намибија.

– Ова беше мојата најтешка трка во кариерата. Благодарам на мојот тим, кој во сите моменти беше покрај мене. Ние, маратонките и маратонците од Кенија, имаме посебен режим на тренинг и претставуваме една цврста целина, која цела година живее, тренира и заедно оди на натпреварите низ светот – изјави на пресот победничката Рут.

По петнаесетина години откако почна да се натпреварува на големите приредби, на најкратката патека го нема Болт. Тој се раздели од своите колеги во Лондон на, сега веќе, претпоследното СП. Без него, некако не беше интересно кога во стадионот влезе финалната осумка на најбрзите луѓе на денешницата. Домаќините, со феноменалната илуминација и декорација на стадионот пред стартот на финалната трка, направија за миг да заборавивме на минатото и да се концентриравме на она што нѐ очекува. Тоа навистина го изведоа мајсторски. Од осумтемина, со оглед на резултатите, секој можеше да победи. Но овој пат на патеката блесна Американецот Кристијан Колеман, кој пред две години беше втор и во последната трка на Болт на СП му го „украде“ среброто. Тој како виор пролета по патеката и уште по првите 60 метри (на оваа делница е светски рекордер во сала) создаде недостижна предност. Залудни беа напорите на олимпискиот шампион од Атина од 2004 година и двоен светски првак од Хелсинки во 2005-та и Лондон во 2017 година, Гатлин, да го стигне 14 години помладиот сонародник. Колеман прв помина низ целта, пред Гатлин и Андре де Грас од Канада.

– Среќен сум, победив два поранешни светски шампиони Блејк (во Даегу, во 2011 година, кога Болт беше дисквалификуван – н.з.) и Гатлин. Ова за мене е голем ден. Покажав дека можам да развијам голема брзина, за што впрочем говори и фактот што сум светски рекордер на 60 метри. Откако по првите 30 метри видов дека никој не може да ме следи, знаев дека златото е мое. Го постигнав и мојот најдобар резултат во кариерата од 9,76 секунди – изјави 23-годинашниот Американец од Атланта, кој е студент на колеџот во Тенеси.


Хасан растура на патеките од 1.500 до 10.000 метри

Во спортот секогаш е така – едни си одат, други доаѓаат. Така, на радост на љубителите на атлетиката, се појави Холанѓанката, инаку родена во Етиопија, Сифан Хасан. Таа својата сила ја покажа уште на Европското првенство во Цирих, кога победи на 1.500 метри, а потоа и минатата година, кога на ЕП во Берлин го освои второто злато на 5.000 метри. Тие резултати, заедно со третите места на светските првенства во Пекинг во 2015 година и во Лондон во 2017 година, беа ветувачки дека наскоро ќе дојде до триумф и на СП. Тука, во Доха, во една тактичка трка на 10.000 метри, таа ги совлада Кенијките, а и трите нејзини поранешни сонароднички, Етиопјанките. Во еден извонреден финиш ја заврши трката следена само од Гидеј од Етиопија.
– Уривањето на светскиот рекорд на една милја годинава во Монако, како да ми даде крилја. Големите постигнувања ги мотивираат спортистите, а тоа се случи и со мене. Бев решена да се фатам во костец со девојките од Кенија и од Етиопија, кои одлично ги познавам, ги знам нивните квалитети, но и слабости. Затоа во почетокот бев воздржана. Но кога почувствував дека тешко дишат, си реков ќе чекам и нема да се истрчувам. На 3,5 километри пред целта засили Кенијката Обири, но знаев дека таа само нѐ испитува. Темпото што го наметна беше пресилно и за неа, па полека почна да премалува за потоа на 1.500 метри да помине на лидерското место мојата поранешна сонародничка Гидеј. И неа добро ја познавав и само чекав. Имав скроено план, кој успешно го реализирав, со раниот финиш уште на 450 метри пред целта ја изненадив Гидеј, која не можеше да ме следи – изјави во микс-зоната по трката Хасан.
Хасан е една од ретките атлетичарки што е еднакво добра на средните и на долгите патеки. Победувала на меѓународните митинзи од 800 до 10.000 метри, наредниве години можеби и во маратонските трки. Во оваа девојка има неисцрпна енергија.