Пандемијата силно ја погоди и спортската индустрија. Долга, предолга е листата на големи настани што беа погодени од коронавирусот. Оттаму се наметнуваат и прашањата како да се минимизира нарушувањето во работењето и како да се планира иднината, на краток или на подолг рок во спортот? Дали новите технологии можат да помогнат во привлекување на гледачите во време кога стадионите се затворени? Со оглед на тоа дека пандемијата веројатно ќе потрае уште некое време, на целиот спортски екосистем ќе му требаат нови начини за справување со заканите од финансиски и деловен континуитет, кои произлегуваат од нарушените парични текови, правни и други предизвици

Пандемијата на ковид-19, која го „замрзна светот“ во 2020 година, покрај проблемите со здравјето на луѓето, општеството и со економијата како целина, предизвика хаос и во спортот. Во обид да се спречи ширењето на вирусот беа откажани или одложени голем број спортски настани низ целиот свет. Долга, предолга е листата на големи настани што беа погодени од коронавирусот. На таа листа предничат најголемите спортски настани, пред сите Летните олимписки и Параолимписки игри (ЛОИ и ПОИ) во Токио, кои се одложени за 2021-та. Европското првенство (ЕП) во фудбал планирано за периодот од 12 јуни до 12 јули беше одложено за една година. Европската фудбалска унија (УЕФА) ги стави во неколкумесечно мирување сите клупски и репрезентативни натпревари, но, сепак, некако успеа да ги заврши натпреварите во Лигата на нациите (ЛН), во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Лига Европа (ЛЕ), без публика. Во исти или слични услови беа доиграни и шампионатите во повеќето европски лиги.

Јужноамериканската Копа Америка првично закажана за јуни и за јули во Колумбија и во Аргентина, исто така, беше одложена за во 2021 година. Светската фудбалска федерација (ФИФА) го одложи првото издание на изменетото клупско Светско првенство што требаше да се одржи во 2021 година. Кралицата на спортовите, атлетиката, исто така, се најде на удар. Откажани или одложени беа повеќето врвни маратонски трки, како и СП во сала во Нанџинг, Кина, за март 2021-та. Легендарниот тениски гранслем-турнир во Вимблдон, првпат во долгата историја не се одржа во мирновременски период. Беа одложени и подоцна во необични услови се одржаа гранслем-турнирите во Њујорк и во Париз. Одложени беа и трите најголеми велосипедски трки во светот, Тур де Франс, Џиро д’Италија и Вуелта. Кошаркарската НБА и хокеарската НХЛ-лига ја завршија сезоната без публика во т.н. „балони“, Формула 1 и Мото-ГП, исто така, претрпеа големи измени…

ПАНДЕМИЈАТА И СПОРТСКАТА ИНДУСТРИЈА

Кризата почна брзо. Спортските натпревари беа ставени во мирување, главниот аспект на животот се смени толку брзо и сеопфатно што многумина беа шокирани и уште не можат да се соземат.
Пандемијата силно ја погоди и спортската индустрија. Поради откажувањето на многуте настани стотици илјади работни места беа и уште се изложени на ризик. Некои анализи сугерираат дека приходите од спортот во светот во 2020 година ќе бидат околу 70 милијарди долари, двојно помалку од предвидувањата. Играњето без публика во поголемиот дел од ланската сезона за клубовите во англиската Премиер-лига, на пример, значеше загуба од околу 800 милиони евра.
Оттаму се наметнуваат и прашањата како да се минимизира нарушувањето во работењето и како да се планира иднината, на краток или на подолг рок во спортот? Дали новите технологии можат да помогнат во привлекување на гледачите во време кога стадионите се затворени? Со оглед на тоа дека пандемијата веројатно ќе потрае уште некое време, на целиот спортски екосистем ќе му требаат нови начини за справување со заканите од финансиски и деловен континуитет, кои произлегуваат од нарушените парични текови, правни и други предизвици.

ИЗЛЕЗ ОД КРИЗАТА

Поголемото прифаќање на новите технологии се смета како еден од начините за излез од кризата поради пандемијата и како начин за нова заработка. Зделките со ТВ-компаниите во создавањето „виртуелни гледачи“ што ќе ги пополнуваат празните трибини доведе до размислувања за тоа колку е значајна публиката. Гледачите што присуствуваат на натпреварите уште се битни за приходите на клубовите на денот на играње на натпреварот. Но бидејќи продажбата на билети претставува сѐ помала ставка во вкупните приходи на големите клубови, можно е да дојде до намалување на цените на влезниците, а приходите да се зголемат од угостителството и од другите трговски и комерцијални понуди.

Професорот Крис Брејди, директор на Центарот за спортски бизнис на универзитетот „Салфорд“, Манчестер, и директор за истражување на „Спортологија“, елитен советодавен спортски бизнис со седиште во Њујорк, верува дека пандемијата може да се искористи како почетна точка фудбалот да го редизајнира неуспешниот модел.
– Во ерата по коронавирусот ќе биде уште потешко да се заработат или да се позајмат пари. Фудбалскиот сон влезе во оваа состојба со претпоставка дека иднината ќе претставува постојан и неприкосновен раст. Погрешно. Главниот предизвик сега е фудбалот да се соочи со реалноста и да го смени деловниот модел за да обезбеди одржливост во иднина – вели Брејди.