Анастасија Потапова

Кербер во првото коло на Ролан Гарос загуби од дебитантката Потапова и не успеа да стане првата германска тенисерка освојувачка на четирите гранслема по сонародничката Граф

Германката Анжелик Кербер е елиминирана во првата рунда на тенискиот гранслем-турнир Ролан Гарос, од руската тинејџерка, 18-годишната Анастасија Потапова (4-6, 2-6), која дебитира на овој турнир. Со тоа ѝ беа урнати надежите на Кербер со евентуален триумф во Париз да стане првата германска тенисерка што ќе ги комплетира трофеите од четирите гранслема, по сонародничката Штефи Граф во 1988 година. Кербер, која имаше проблеми со повредата на зглобот пред овој турнир, шести пат во кариерата не успева да го помине првото коло на Ролан Гарос.

Кербер победи во Вимблдон во 2018, како и во Мелбурн и во Њујорк во 2016-та, но ќе мора да почека најмалку уште една година до победа на Ролан Гарос и да се впише во тениската историја како седма тенисерка во т.н. опен ера, како победничка на четирите гранслема. Досега победнички на четирите најзначајни светски турнири биле Граф, Американките Били Џин Кинг, Крис Еверт, Мартина Навратилова и Серена Вилијамс и Русинката Марија Шарапова.

По пауза од четири години на Ролан Гарос се врати Швајцарецот Роже Федерер (37), освојувачот на 20 гранслем-трофеи. Тој го почна настапот со убедлив триумф над Италијанецот Оскар Оте, 6-2, 6-4 и 6-4 за 1,24 час игра, на подновениот централен терен „Филип Шатрие“ (капацитет 15.225 места).
На првиот ден од годинашниот 123-ти Ролан Гарос елиминирана е и седумкратната освојувачка на гранслем-трофеи, Американката Венус Вилијамс (38). Таа загуби од Украинката Елина Свитолина, со 3-6, 3-6 во мечот што се одигра на новоизградениот терен „Симон Матје“ (капацитет 5.000 места). Французите за овој терен велат дека е најубав тениски терен на светот, опкружен е со четири стаклени ботанички градини со тропски растенија од Јужна Америка, Африка, Југоисточна Азија и Австралија, своевиден спој на спортот и природата.