Во финалето на Вимблдон, Кербер беше подобра од Серена Вилијамс, со 6-3, 6-3. За неа тоа е прв триумф во Лондон, вкупно трета гранслем-титула, а Вилијамс остана на 23, еден помалку од рекордните 24 на Маргарет Корт

Германката Анџелик Кербер триумфира на турнирот во Вимблдон, првпат во кариерата, победувајќи ја во финалето седумкратната шампионка, Американката Серена Вилијамс, во два сета, со 6-3 6-3.
Кербер (30), која е првата Германка победничка во Вимблдон по Штефи Граф во 1996 година, во 2016 година триумфира на Австралија опен во Мелбурн (ја совлада Серена Вилијамс) и на САД опен во Њујорк.

– Ми се оствари сонот. Знаев дека морам да одиграм најдобро што можам против шампионка каква што е Серена. Таа е одлична личност, голема шампионка и инспирација за сите нас – изјави Кербер, која ѝ се реваншира на Серена за поразот во финалето во Вимблдон пред две години.
Серена Вилијамс (36) не успеа да ја освои 24-та гранслем-титула во кариерата, во 10-то финале на Вимблдон, а вкупно 30-то гранслем-финале, нецела година по породувањето, и на тој начин да се израмни со рекордерката, Австралијката Маргарет Корт.
Наредна шанса за Серена за такво нешто е гранслем-турнирот во Њујорк, кој почнува кон краjот на август.