Од свеченото прогласување на најдобрите

На првото СП во Фишеров шах, славеше Американецот Весли Со

Актуелниот светски првак во класичен шах, двократен во забрзан (2014 и 2015 година) и трикратен во брз шах (2014, 2017 и 2018 година), Норвежанецот Магнус Карлсен (2.870 рејтинг-поени), не успеа да ја освои и четвртата светска шаховска титула. Во финалето на првото официјално Светско првенство (СП) во Фишеров шах, чија завршница се одржа во Ховикоден (Норвешка), убедливо загуби со 2,5-13,5 од Американецот Весли Со (2.760, моментално 12-ти во светот).

На Со му припадна и паричната награда од 125.000 долари. Мечот не се доигра докрај, оти предноста за Со беше преголема за преостанатите шест партии. Третото место го освои Русинот Јан Непомнијашчи (2.773), кој со 12,5-5,5 го совлада последниот предизвикувач во класичен шах, Американецот Фабијано Каруана (2.822).
Се играа вкупно 12 партии со различно темпо на размислување, по четири со 45 минути, плус 15 минути по 45-от потег, потоа со 15 минути, плус две секунди и со три минути, плус две секунди и сите различно се бодуваа. Карлсен победи на ваков неофицијален турнир и игран целосно преку интернет во 2018 година.

Ваквото СП првпат е прифатено од Светската шаховска федерација (ФИДЕ) пред шест месеци, а квалификациите беа играни преку интернет. Фишеровиот шах е измислен од некогашниот светски првак во класичен шах Роберт Фишер, а официјално е презентиран од него во 1996 година. Карактеристика на овој вид шах е тоа што почетната позиција е секогаш различна (друго име е шах-960, поради можните комбинации на фигурите пред првиот потег). Пешаците се на своите места, но позициите на другите фигури се измешани во однос на почетната позиција во класичен шах, со одредени ограничувања (секогаш ловците се на полиња со различна боја, кралот се поставува на кое било поле, но мора да биде помеѓу топовите итн.). Позициите на црните фигури потоа се редат како во огледало во однос на белите фигури.