Карлсен со пехарот од Баден-Баден

Со триумфот во Баден-Баден тој освои нови 14,4 рејтинг-поени и моментно има 2.875, што е седум поени помалку од неговиот најдобар рејтинг (2.882) во 2014 година, иако на мајската листа ќе фигурира бројка од 2.861 поен

Актуелниот светски шаховски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен во голем стил победи на 5-от шаховски турнир „Гренке“, кој се одигра во германскиот град Баден-Баден, што е негов втор триумф, по оној во 2015 година. По девет одиграни кола, Карлсен освои импозантни 7,5 поени, односно шест победи и три ремија (против Каруана, Ананд и Надич), односно 1,5 поен повеќе од последниот претендент за светската титула, Американецот Фабиано Каруана, додека трет заврши натурализираниот Азербејџанец од германско потекло Аркадиј Надич со 5 поени. Играчкиот перформанс на Карлсен на турнирот беше близу 3.000 рејтинг-поени (2.984), а тој не знае за пораз веќе 59 партии во низа (последен пат од Мамеѓаров во јули, лани).

Со овој најнов триумф Карлсен освои нови 14,4 рејтинг-поени и моментно има 2.875 поени, што е само седум поени помалку од неговиот најдобар рејтинг воопшто 2.882, забележан во 2014 година, иако на мајската листа (се сметаат резултатите во април), ќе фигурира бројка од 2.861. Се поставува прашањето дали Карлсен има шанси да ја надмине границата од 2.900 поени!

– Не знам. Мојот одговор секогаш бил доста убедлив – не! Сѐ уште мислам така, но ќе видиме, засега позначајно е да продолжам со доброто играње – вели Карлсен.
Карлсен сега има дури 56 поени пред Каруана, за кого тој сѐ уште го смета за најдобар од другите шахисти. Доминацијата на Карлсен над другите шахисти сѐ уште не е толку голема како во мај 2014 година, кога неговиот рејтинг (2.882) беше 67 поени повеќе од оној на Ерменецот Левон Аронијан (2.815). Доминацијата, пак, на 13-от светски првак, Русинот Гари Каспаров, беше уште поголема. Така, во јануари 2010 година (кога Карлсен имаше девет години), неговиот рејтинг од 2.851 поен беше дури 82 поени повеќе од Индиецот Вишванатан Ананд (2.768), кој беше на втората позиција.

Табела: 1. Карлсен (2.845) 7,5, 2. Каруана (2.828) 6, 3. Надич (2.710) 5, 4. Легрев (2.755) 5, 5. Ананд (2.779) 4,5, 6. Аронијан (2.761) 4,5, 7. Свидлер (2.737) 4,5, 8. Валехо Понс (2.698) 4, 9. Мејер (2.621) 2, 10. Кермер (2.509) 2 поена.


Македонски топ 10 за мај

1. ВМ К.Георгиев (2.588)
2. ВМ Н. Митков (2.500)
2. ИМ Ф. Панчевски (2.500)
4. ВМ Т. Недев (2.495)
5. ВМ В.Георгиев (2.483)
6. ВМ З. Станојоски (2.447)
7. ВМ А. Чоловиќ (2.446)
8. ИМ Д. Стојановски (2.432)
9. ВМ Д. Јаќимовиќ (2.392)
10.ИМ Н. Николовски (2.391)