Вкупно 14 македонски натпреварувачи (13 во борби и еден во кати), ќе се натпреваруваат викендов во Дубаи (ОАЕ), на вториот од предвидените седум турнири на престижната Премиер-карате лига. Турнирот е мошне силен, а на него ќе настапат вкупно 769 каратисти од 409 клуба од 86 држави во дисциплините борби и кати, во машка и женска конкуренција.

Настапот во овие турнири е мошне значаен, оти на нив се освојуваат поени за пласманот на листата на ВКФ, а со тоа и Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, каде што каратето ќе дебитира.

На првиот турнир во Париз, најдобри пласмани имаа Жарко Арсовски, кој го освои седмото место и Ангела Мојсовска, која заврши на деветтата позиција. Во Премиер-лигата во пет тежински категории, право на настап имаат 64 претставници по категорија.

На првиот настап во Париз македонските каратисти (вкупно 16), не освоија медал, но некои го зголемија своето бодовно салдо на патот за ЛОИ во Токио, па така ова е нова пригода да ги покажат своите квалитети на татамите. Најдобри пласмани од Македонците моментно имаат, Берат Јакупи, 34-то место со 570 бода, Азиз Исмаил 35-то со 420 и Наташа Стефановска 38-то место со 375 бода. 


Македонски натпреварувачи

БОРБИ: Драгана Манговска (до 50 кг), Сара Радичевска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Наташа Стефановска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Моника Стефановска (до 68 кг), Емил Павлов (до 60 кг), Азиз Исмаил (до 75 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Виктор Крстевски (до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг). КАТИ: Пуликсенија Јованоска.