Учењето треба да биде забавно, а шаховската игра не треба да биде претставена како речник што чека да се запомни, туку како книга за игра, која треба да се живее и да се доживее, додека притискањето со факти и со тешки концепти само ќе предизвика одбивност и здодевност кај децата, вели познатиот индиски шаховски тренер Арун

Познато е дека шаховската настава за малите деца може да биде многу непријатна. Луѓето што се обиделе да ги подучуваат своите шестгодишни или седумгодишни деца, сигурно знаат како тоа може да биде бавно мачење, особено со непослушните деца. За да се успее во тоа потребни се мноштво идеи што може да се искористат за децата да ја откријат радоста на шахот.
Познатиот индиски шаховски тренер Арун со седиште во Пондичери, открива некои идеи што можат да се користат токму за оваа цел. Затоа е потребно да се размислува стратегиски, да се испробаат одредени ментални вежби и да се совладаат забавените и возбудливи предизвици, а сето тоа преку шаховското знаење.
– Денес постојат многу деца што се гладни за шах, но доволно непослушни за да играат со пионите и со другите црно-бели фигури. Проблемот може да се јави кога многу наставници или родители ги гледаат своите деца како неуки суштества, кои чекаат да им се полнат мозочните сфери со мудрост и знаење. Но упорното и пребрзо инсистирање на вакво нешто, можат да доведат до иритација и кај родителите и кај децата – истакна Арун и детално го појаснува тоа во текстот што следува.

ТРПЕНИЕ
Да се биде шаховски родител (или шаховски учител на мали деца), потребно е пред сѐ да се има трпеливост, време и толеранција со младите шаховски почетници. Затоа пократките часови, правилно структурирани со различни активности се и најдобри. На помладите деца им е тешко да ја задржат својата концентрација за време на долгите часови. Но многу успешни родители не успеваат да го видат ова. Тие притискаат, сакаат нивното дете да стане иден супервелемајстор, што може негативно да се одрази.

УЖИВАЊЕ ВО ТЕКОТ НА УЧЕЊЕТО
Учењето треба да биде забавно, оти ги мотивира децата повеќе од што било. Играта не треба да биде претставена како речник што чека да се запомни, туку како книга за игра што треба да се живее и да се доживее. Децата сакаат игри, тоа е општо познато. Затоа дајте им поени за ангажманот, точните одговори и негативни поени за негативното однесување.
Еден прост пример. Фигурите може да се заменат со предмети за домаќинство (на пример: капачиња за шишиња, капачиња за пенкало, завртки, но да бидете сигурни дека тие се доволно големи за да не ги проголтаат), шаховската табла може да се претстави со лист со формат А3 и истата таа да се бои. Сето ова треба да предизвика љубопитност кај децата, додека притискањето со факти и со тешки концепти само ќе им предизвика одбивност и здодевност. Треба да се поттикне навиката да поставуваат прашања во текот на часовите.

ШАХОТ И МАТЕМАТИКАТА
Шахот може да се користи како платформа преку која децата можат да ја развиваат својата логика, па дури и математичките вештини. Секоја фигура има точка поврзана со шахот. Значи, три пиони се еднакви на три поени, додека кралицата и двата ловци се еднакви на 15 пиони. Користејќи ја оваа поврзаност, шаховско-математичките игри може да се измислат и да се користат како вежби за време на часовите. Но треба да се има предвид дека на помладите деца може да им биде тешко кога ќе им требаат повеќе од две раце за решавање на загатката за шах и за математика.
И конечно, децата сакаат предизвици. Многу логички загатки како онаа познатата со осум кралици или вежби како пионот зема на косо, може да биде забавна и предизвикувачка вежба за нив.

РАСКАЖУВАЊЕ ПРИКАЗНИ
Потребно е да се комбинираат зборовите со слики и со приказни, со музика и со идеи. Треба да се комбинираат апстрактните концепти со вистински работи што децата можат да ги разберат и да ја испробуваат конечната приказна. Ова помага да се формира конкретно основно разбирање на основните концепти и идеи во шахот. На пример, кралот е најтешката фигура за децата за да ја разберат поради тешката логика на потезите. Да им се покажат слики, или дури да се оди во зоолошката градина, ако тоа помага. Да се продолжи со раскажување приказни за тоа како се користеле коњите во минатото и за ловците во средниот век. Ова помага за да ја поврзат нивната активност со слики и со приказни.

ЕФИКАСНОСТ
Шахот еволуираше повеќе од две илјади години за да биде она што е денес. Има богата историја, преполна со многубројни возбудливи приказни што чекаат да им се кажат. Можете да почнете со тоа како шаховската табла и фигурите еволуирале. Покажете им слики од стари фигури од различни времиња.
Целта е да им се помогне на децата да откријат колку е забавен шахот, да ја развијат својата љубопитност за играта и да продолжат да го развиваат своето разбирање за концептите на игра. Тоа е само еден аспект на оценување на успехот. Од другата страна, пак, е ефикасноста што треба да се постигне, односно дали се оди во вистинската насока. А за да се случи ова, многу е корисно да се следи наставниот план. Постојат и дополнителни наставни програми преку Интернет.


Данчевски: Со децата мора внимателно ако се сака успех

Со шаховските деца-почетници, мора мошне внимателно да се работи, ако се сака да се постигне успех. Така, во шаховската школа на Гамбит Асеко СЕЕ, каде што сум јас тренер, моментно имаме педесетина деца. Самата настава за шахистите-почетници се одвива преку одредена програма, која е еден вид игра придружена со разни цртани и филмувани игри поврзани со шахот, а најмалку со играње шаховски партии. Значи преку игра со фигурите настојуваме да го привлечеме интересот за древната игра, оти во спротивно може да се создаде негативен ефект. Така, на децата им задаваме задачи, на пример како со ист коњ да соберат што повеќе фигури во низа, потоа борба меѓу два топа и ловци, па оној што прв ќе земе противничка фигура е победник, потоа дуел на крал со два пиона итн., а секоја успешно извршена задача да носи и одреден број поени. Со еден збор, мноштво задачи со кои децата ќе ги засакаат фигурите, нивното значење, а сето тоа придружено и со проектирање цртани филмови врзани со шаховските фигури. По шест месеци тренирање по трипати неделно, може да се почне да се размислува за одередени тактички удари на таблата, што се мат, пат, реми, а дури по една година истите тие деца може да настапат на турнир. Се разбира, оние деца што се многу поталентирани прескокнуваат одредени степени на учење, со нив и побрзо се работи, а има и такви што земаат дополнителни часови дома – вели македонскиот интернационален мајстор (ИМ) Орце Данчевски, кој професионално е вработен во училиштето „Јахја Кемал“ како професор по шах.
Тој исто така го води и шаховскиот клуб на истото училиште и ги повикува децата со афинитети кон шахот да им се придружат.
– Децата, пак, кои покажуваат поголеми афинитети кон шахот, ги повикувам да дојдат во ШК Јахја Кемал, каде што во понеделник, вторник, среда и во петок држиме шаховска настава – вели Данчевски. 


Шаховските надежи од денеска на турнирот „Квалитет 2018“

Годинашниов трет по ред меѓународен шаховски турнир за деца до осум и до 10 години, како и опен-турнирот за повозрасни деца „Квалитет 2018“, во организација на приватното скопско училиште „Јахја Кемал“ и ШК Гамбит Асеко СЕ, ќе се одржи во училиштето „Јахја Кемал“ од денеска до недела. Новина е што годинава турнирот добива меѓународен карактер. Победниците ќе бидат познати по одигрувањето на девете кола со темпо на размислување од 90 минути, плус 30 секунди за секој одигран потег.
На ден до почетокот, во категоријата до 8 години беа пријавени 24, од кои двајца од Србија, кај децата до 10 години имаше 25 учесници (16 од Македонија, по двајца од Романија, Србија и од Бугарија и по еден од Хрватска, Франција и од Албанија), додека на опен-турнирот имаше најмногу, 56 натпреварувачи (45 од Македонија, осум од Бугарија и по еден од Норвешка, Романија и од Албанија.). Директор на турнирот е интернационалниот мајстор (ИМ) Орце Данчевски, а главен судија ИМ од Прилеп, Тони Кироски.
Минатата година во категоријата до осум години настапија 16, во категоријата до 10 години – 26 и на опен-турнирот 42 шахисти, сите од Македонија.