Александар Неделковски

Овој пласман на членот на Металург претставува и најголем поединечен успех во јуниорска конкуренција во кати на мундијалите

Беше блиску до медал, го делеше само една борба, само една победа за и со посакуваната бронза да се најде на пиедесталот на најдобрите. Но и постигнатото петто место на Светското првенство во карате, кое е во тек во Сантјаго (Чиле) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 год.), претставува голем успех за младиот и талентиран каратист на КК Металург Александар Неделковски. Овој пласман претставува и најголем поединечен успех во историјата на македонското карате во оваа конкуренција во кати на мундијалите.

– Задоволен сум со мојот настап на ова Светско првенство. Се надевав и можев да стигнам до медал. А бев блиску, малку недостигаше да се закитам со медал. Сепак, и ова претставува голем успех за мене, особено во ваква силна конкуренција и, секако, уште поголем мотив да продолжам и понатаму со континуирана работа и редовни тренинзи. Следен предизвик ќе ми претставуваат државното првенство и плејофот, од каде што и ќе се селектира репрезентацијата што ќе настапи на Европското првенство во Будимпешта во февруари следната година. А, како што има добра конкуренција, сигурно дека ме очекуваат макотрпни подготовки во периодот што следува – ни изјави Неделковски, кој беше дел и од проектот „Спортска надеж 2014“, финансиски поддржуван од Агенцијата за млади и за спорт.

Неделковски со својата изведба на кати го помина првиот круг, а во вториот беше второпласиран, со 23,98 поени, пред него беше само Италијанецот Алесио Џинами (24,3), кој подоцна и го освои златниот медал. Во третиот круг Неделковски беше трет со 23,6, заедно со Луис Гарсија од Венецуела. Во борбата за петтото место, Неделковски во дуелот со Гарсија доби 23,86 поени, а ривалот 22,98, а во дуелот за бронзата Александар доби оценка 23,06, а Египќанецот Карим Валед Гали 24,88.

Неделковски вкупно десет години бил државен првак во кати во кадетска и во јуниорска конкуренција, а може да се пофали и со бронза (јуниори) и сребро (кадети) од балканијадите, седмо место на кадетското ЕП во Сочи лани, петто место во Младинската јуниорска лига во Умаг и друго. Годинава, пак, на ЕП стигна до полуфиналето, беше седми на Медитеранското првенство во Анталија, петти на Балканското првенство, а на силниот меѓународен карате-турнир „Гранпри Кроација“, во конкуренција на 1.397 натпреварувачи од 24 држави, Неделковски освои сребро во сениорска и бронза во јуниорска конкуренција.

Тој во Металург тренира веќе пет години, катите ги засакал уште од мали нозе, а има и голема поддршка од неговите родители и тренерот на металурзите, Мирче Јанушевски.
Боите на Македонија на ова СП, кое трае до недела (1.557 натпреварувачи од 96 држави во 35 категории), останаа да ги бранат уште Бојан Костов (категорија до 52 кг) во кадетска конкуренција, Фаик Весели (до 67 кг), Доан Османи (до 75 кг), Вероника Костовска (до 61 кг) и Ангела Мојсовска (до 68 кг), во конкуренција на постари јуниори/ки (до 21 година), сите во борби.