Ракометната репрезентација на Исланд попладнево ја победи Јапонија со 25-21 (13-12) во првиот натпревар од денешната програма во групата „Б“, чии дуели се играат во „Олимпик хале“ во Минхен.

По денешниот резултат, нашите репрезентативци имаат ист број на бодови со Исланд на третото место и ќе мора да бркаат победа утре. „Жолто-црвените“ ќе може да се пласираат понатаму и со реми против екипата на Гудмундур Гудмундсон, но вечерва ќе треба да извлечат бод од репрезентацијата на Шпанија.

„Самураите“ одиграа солиден натпревар против „рибарите“, на полувреме губеа само со гол разлика, а на десетина минути до крајот резултатот на семафорот стоеше 20-21 во корист на Исланд. Потоа следеше серија од 3-0 за фаворитот на мечот и лесно приведување на дуелот до својот крај.

Најефикасни во исландскиот тим беа Гунарсон и Сигурмансон со по 5 погодоци, а кај Јапонија Агире реализираше четири.

Македонија вечерва од 20,30 часот излегува против фаворизираната Шпанија, а утре од 18 го играме клучниот меч со Исланд за пласман во следната фаза.