Влатко Богдановски

Во Русија има голема шаховска инфраструктура, а речиси во секое населено место функционира шаховска школа. Тоа е исто како во фудбалот, секое помало место да има изградено свое фудбалско игралиште. Организацијата е на високо ниво, за разлика во Македонија, каде уште само разговараме по овие суштински прашања, вели ВМ Влатко Богдановски

Зошто Русија е шаховска велесила? Зошто има најмногу велемајстори? Зошто има најмногу светски прваци во историјата? Ова се прашањата што најчесто се поставуваат кога станува збор за шахот во Русија и нејзината доминација во светски рамки. Според ФИДЕ рејтинг-листата за декември, Русија е прворангирана со 2.740 бода (се зема вкупниот збир на рејтинзи на првите 10 играчи во државата н.з.), додека Македонија е на 51-то место со 2.467 бода. Русија има најмногу велемајстори (ВМ) во светот – 251, со просечен рејтинг на првите 10 од 2.740 поени, додека Македонија има 10 активни.

– Решавачка улога зошто Русите имаат најмногу шаховски велемајстори се традицијата и изградениот систем на шаховска мрежа низ целата држава. По Втората светска војна таа мрежа се одржа, и покрај претрпените промени во 1990-тите години. Денес во Русија има голема шаховска инфраструктура. Изградени се голем број шаховски дворци, во секое населено место функционира шаховска школа, постојат шаховски тренери. Тоа е исто како во фудбалот секое помало место да има изградено свое фудбалско игралиште. Значи организацијата е на високо ниво, за разлика во Македонија, каде што уште само разговараме по овие суштински прашања – вели ВМ Влатко Богдановски.

За да се стане ВМ, шахистот мора да освои три велемајсторски норми и да достигне играчки рејтинг од 2.500 поени. Моментно во светот има вкупно 1.619 велемајстори.

– Ќе го спомнам само овој пример, кој доволно кажува сѐ. Во рускиот град Санкт Петербург има над 10.000 рејтингувани шахисти. Тамошниот шаховски клуб добива годишен буџет од 500.000 евра! Во градот годишно се организираат над 150 шаховски турнири во најразлични возрасни категории. Постојат шаховски школи со кои работат истакнатите руски шахисти Петар Свидлер и Александар Халифман. Овие школи и турнири, всушност, претставуваат и еден вид филтри, од каде што талентираните деца се преземаат за понатамошно шаховско надградување. Кај нас единствено приватното основно училиште „Јахја Кемал“ во Скопје е едно од ретките училишта што го имаат интегрирано шахот како дел од наставата. Нешто што започна како експеримент, пилот-проект пред четири години, а од година на година само ги потврдува позитивните резултати кај учениците. Затоа е потребно шахот да влезе во ОУ уште во прво одделение, а за тоа не е потребно многу да се вложува – смета ИМ Орце Данчевски, кој е професионален шаховски тренер.

За жал, во Македонија не е само реткото играњето на квалитетни турнири причина за тоа да имаме малку ВМ. Со години немаме класично домашно првенство, настапот на шаховските олимпијади (ШО) или на европско првенство (ЕП) често е доведен во прашање поради немање доволно финансиски средства, потоа има сѐ помалку активни клубови, а жиро-сметката на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) со години е блокирана. 

Орце Данчевски