Магнус Карлсен

Мечот за светски првак, од петок, во Лондон, со првата партија (од предвидените 12), помеѓу моментно најсилните шахисти во светот, шампионот Магнус Карлсен и предизвикувачот Фабијано Каруана, е најголемиот светски шаховски настан годинава, иако се одржаа Шаховската олимпијада (ШО) и ЕКК.

Бранителот на титулата, Норвежанецот Карлсен, е роден на 30 ноември 1990, а светската круна ја освои во 2013 година, кога го порази тогашниот шампион, Индиецот Вишванатан Ананд. Карлсен станал велемајстор (ВМ) на 13 години, четири месеци и 27 дена, со што е шести во историјата на најмлади имиња со оваа титула. На 1 јануари 2010 (19 години и 32 дена), Магнус станал најмладиот шахист што бил број еден во светот според освоените рејтинг-поени (2.810), од јули 2014 е со најдобар ранг во светот, а највисокиот (2.872) го остварил во февруари 2013 година. Двапати ја одбранил титулата, и тоа против Ананд и против Русинот Сергеј Карјакин. Карлсен е исцрпувачки противник, според многумина е комбинација од славните Анатолиј Карпов и Роберт Фишер. Постепено ги гради своите позиции, не отстапува од својата упорност и со ненадеен удар во средишницата и завршницата, што е исцрпувачки за ривалите. Точно може да ја оцени секоја позиција на таблата, играјќи смирено, со многу малку грешки и, што е многу значајно, без страв.

Фабијано Каруана е роден на 30 јули 1992 во Мајами (САД), во 2005-та се преселил во Италија, а денес живее во Сент Луис (САД). Со триумфот на Турнирот за кандидатите во Берлин во март годинава доби право да се бори за титулата светски првак. ВМ станал на 14 години, 11 месеци и 20 дена. Највисок рејтинг достигнал во октомври 2014 година (2.844), а број два е во светот од август годинава. Како млад, Каруана имал агресивен стил на игра, со нескриена желба да жртвува фигури на таблата. Но денес повеќе сака да практикува универзален стил, базиран на голема упорност, смиреност, одлична подготовка во отворањето и точна пресметка на варијантите.
Нивниот меѓусебен скор е 10-5 за Карлсен, со 18 реми-партии. 

Фабијано Каруана