Рафаел Надал ја освои титулата на Ју-Ес опен. Во спектакуларното финале кое траеше четири часа и 54 минути, Шпанецот го совлада во пет сета Русинот Данил Медведев 7:5, 6:3, 5:7, 4:6, 6:4.

Тениските фанови на најголемиот тениски стадион во светот „Артур Еш“ имаа можност да уживаат во еден од најдобрите мечеви оваа година, на крајот повеќе сила и концентрација имаше Надал.

Шпанскиот тенисер успеа да ја освои својата 19 гренд-слем титула, четврта на Ју-Ес опен и сега има само една помалку од Роџер Федерер.

Сите честики и аплаузи ги собра и Медведев кој имаше негатива од два сета, а во третиот спаси и две меч топки. Русинот се врати во мечот израмни на 2-2, а најголем дел од петтиот сеет тој играше со искината врвка на патиките.

– Прво морам да кажам нешто за Данил. Неговите игри ова лето се нашто најдобро што имав можност да гледам откако играм тенис. Сите вечерва видоа дека тој е четврти играч во светот, а има 23 години. Честитки, неверојатно е како се бореше, како го смени ритамот на целиот меч. Сигурен сум дека во блиска иднина ќе има многу шанси да освојува вакви титули. Ова беше една од најемотивните ноќи во мојата кариера – рекол по мечот победникот Надал.

Шпанецот со овој трофеј ја намали разликата на АТП листата, во однос на Новак Ѓоковиќ, на само 640 бода.