Билети за маратонот ќе нема, бидејќи организаторите разработуваат планови како да се справат со тој проблем по префрлањето на трката во Сапоро

Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020-та во Токио соопштија дека во текот на овој месец во продажба ќе пуштат уште еден милион билети, првпат и за натпреварите во бокс. Но билетите за маратонот, кој контроверзно од Токио е префрлен во северниот град Сапоро, поради стравот од високите температури, нема да бидат понудени.

Втората интернет-лотарија, ограничена на жителите на Јапонија, ќе трае од 13 до 26 ноември и ќе биде последната што ќе им се понуди исклучиво за жителите на земјата-домаќин. Дополнителните рунди за продажба на билети ќе почнат напролет. Лотаријата првпат ќе вклучува билети за бокс, спортот на кој му се закануваше исклучување од Игрите. Билети за маратонот ќе нема, бидејќи организаторите разработуваат планови како да се справат со тој проблем по префрлањето на трката во Сапоро.

Одлуката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) маратонските, како и трките во брзо одење, да ги пренасочи за Сапоро, предизвика гнев во Токио, а гувернерот истакна дека постои големо разочарување во јавноста, која е енергично против таквата одлука.

Официјалните лица не објавија детали за какви било нови безбедносни мерки во врска со новата рунда билет-лотарија, и покрај тоа што од првото коло мораа да поништат речиси 7.000 билети, откако открија дека биле купени со лажни документи.