Рамазанов освои бронза на ЕП 2007, а Егоров тоа го направи завчера на ЕП во Романија. Од другите македонски борачи на ЕП 2019, Нуров го освои петтото место, а Сејфулаи синоќа се бореше за бронзата во својата категорија. На ЛОИ 2020 ќе настапат првопласираните шест борачи од СП во септември и по двајца најдобри на петте квалификациски турнири в година

Владимир Егоров, натурализираниот македонски борач со руско потекло го освои бронзениот медал на Европското првенство (ЕП) во борење, слободен стил (категорија до 57 кг) во Букурешт, Романија. Во мечот за третото место на континенталното првенство, тој со т.н. туш го совлада Андреј Дуков од Романија. Со освоеното трето место, Егоров обезбеди настап на вторите Европски игри (ЕИ) во Минск, Белорусија во јуни.

По пауза од 12 години македонски борач повторно освојува медал на едно големо континентално натпреварување. Претходниот пат медал (исто така, бронзен) освои Мурад Рамазанов (категорија до 60 кг), на ЕП во 2007 година во Софија, Бугарија. Тој следната година на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Пекинг беше шести, што е најдобар резултат за македонски спортист на ЛОИ од осамостојувањето на Македонија, по бронзениот медал на Могамед Ибрагимов на ЛОИ во Сиднеј во 2000 година.

Одличен настап на ЕП во Букурешт имаше и Магомедгаџи Нуров (категорија до 97 кг), кој го освои петтото место, трет пат по ред на ЕП. Третиот македонски претставник на Европското првенство, Елмедин Сејфулаи (категорија до 61 кг), синоќа се бореше за бронзениот медал против Швајцарецот Ренди Андријан Вок.

На Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 во Токио ќе настапат првопласираните шестмина борачи (по категории) на Светското првенство (СП) што во септември годинава треба да се одржи во главниот град на Казахстан, Нур-Султан (досега Астана).

За тие борачи што нема да стигнат на ЛОИ преку СП (шестмина), во 2020-та остануваат уште четири квалификациски турнири по континенти (европски, азиски, пан-американски и Африка/Океанија), на кои настап во Токио ќе обезбедат финалистите. Последниот „филтер“ е т.н. светски турнир во јуни, 2020-та во Софија, Бугарија на кој повторно најдобрите двајца борачи од секоја категорија ќе се пласираат на ЛОИ.

На Игрите во Токио ќе учествуваат по 16 борачи во шест категории (до 57, 65, 74, 86, 97 и до 125 кг).