Вчера во финалето играа Словенија и Србија

Актуелниот светски првак Полска го освои бронзениот медал на Европското првенство (ЕП) во одбојка, со триумфот над Франција со 3-0 (26-24, 25-22, 25-21), во мечот за третото место пред 7.000 гледачи во салата „Берси“ во Париз.

Двете репрезентации важеа за фаворити за освојување златен медал, но беа поразени во полуфиналните дуели од Словенија, односно од Србија, кои вчера попладне играа во големото финале (Словенија за првото, Србија за третото европско злато). За Полска ова е прв медал од ЕП, по 2011-та, кога, исто така, беше трета.
Трикратниот светски првак и олимписки шампон од 1976-та, Франција, првакот од 2015-та, имаше големи амбиции на ова ЕП, чија завршница се одржа во Париз, но го освои четвртото место.

На полуфиналниот натпревар на Европското првенство во одбојка помеѓу Франција и Србија во петокот во Париз дебитира „летачката“ камера. Таквата камера веќе се користи при преноси на натпревари во кошарка, ракомет, тенис и во многу други спортови во затворен простор, на натпревари на високо ниво, вклучувајќи ги Летните олимписки игри од Атина во 2004 година, но не и во одбојка.

– Направив многу истражувања и не најдов никаква информација дека таква технологија некогаш била користена во одбојка – рече Беноа Дентан, одговорен за летачката Х-3Д камера, која на милиони гледачи им понуди спектакуларни глетки од птичја перспектива од арената „Берси“.

„Летачката камера“ е закачена на јажиња од оптички влакна, кои можат да се движат во сите правци над теренот и на гледачите им нуди спектакуларни агли на гледање. Таа камера е една од 14-те, колку што се користат при преносите од ЕП.